Додека младите по секоја цена се обидуваат да најдат работа во ИТ-секторот, Македонија останува без електричари, водоинсталатери и мајстори кои знаат да го поправат она што секојдневно се расипува.
Пазарот на труд влегува во сериозен дефицит на занаетчиски кадар, а платите за овие професии веќе го надминуваат националниот просек.
Според официјалните податоци, просечната месечна исплатена нето-плата во Македонија во мај 2025 година изнесувала 45.796 денари. Но електричарите и водоинсталатерите одамна ја преминале таа граница. Како што е наведено, платата на електричар се движи околу 68.000 денари, додека во приватните огласи не е реткост понуди и од 1.500 евра месечно. Компании од Пробиштип, Скопје и од Тетово веќе се жалат дека не можат да најдат квалификуван кадар, дури ни по тие услови.
„Сите сакаат да седат пред компјутер, а кога ќе им се расипе штекерот и нема да можат да го полнат компјутерот – тогаш ме бараат мене“, вели Горан, електричар од Куманово кој работи речиси секој ден без слободен викенд. „Сите зборуваат за програмирање, ама без струја не работи ни компјутерот, ни серверот, ни машината што го пече лебот“.
Недостигот на мајстори веќе со години е познат проблем. Според Организацијата на работодавци, над 60 проценти од фирмите во Македонија не можат да најдат стручен кадар.
Особено се дефицитарни електроинсталатерите, водоинсталатерите, керамичарите, лимарите и ѕидарите.
Занаетчиските комори предупредуваат дека ако не се преземат итни мерки, за неколку години ќе нема кој да ги одржува елементарните системи – струја, вода, греење, канализација.
Причините за тоа се очигледни. Средните стручни училишта се испразнети, а младите сè повеќе избираат факултети кои нудат канцелариска работа. Во учебната 2024/2025 година, според ДЗС, бројот на ученици во средните училишта се намалил на 67.143, што е за 0,2 % помалку од лани. Истовремено, бројот на пријавени занаетчии во земјава изнесува околу 7.000, што е речиси двојно помалку од пред десетина години.
„Занаетот не е валкана работа, тоа е вештина што носи стабилен приход и сигурност“, велат експертите. „Во Германија и Австрија, занаетчиите се основа на економијата. Време е и кај нас да го вратиме достоинството на тие професии“.
Додека вештачката интелигенција почнува да пишува кодови и да заменува дел од работата на програмерите, реалниот свет се потпира на луѓе што можат да ја средат струјата, да ја закрпат цевката и да го вратат животот во нормала.
Без нив, нема дигитална револуција, нема „smart city“, нема комфор.
Б.З.М.



