ПочетнаЕКОНОМИЈАГлобалните инвестиции во чиста енергија растат и покрај критиките на Трамп

Глобалните инвестиции во чиста енергија растат и покрај критиките на Трамп

Глобалните инвестиции во зелена технологија во првите три квартали од годината веќе ги надминаа нивоата за целата 2024-та година. Секторот е во опаѓање во последните три години, но огромната побарувачка за енергија поттикната од центрите за податоци предизвикува пресврт.

Приватни и јавни инвеститори ширум светот вложија 56 милијарди долари во зелени компании, почнувајќи од чиста енергија до складирање на енергија и електрични возила, во деветте месеци до септември, според нов извештај од „BloombergNEF“. Спротивно на тоа, секторот за климатска технологија привлече помалку од 51 милијарда долари во 2024-та година.

Инвестициите во компании за климатска технологија растат глобално, при што инвеститорите вложуваат повеќе пари во секторот досега оваа година отколку во целата 2024 година. Графикон: „Bloomberg“

Обновениот интерес е поттикнат од договорите за чиста енергија и складирање на енергија, и доаѓа и покрај повлекувањето на администрацијата на Трамп во однос на климатските политики. Големите зделки вклучуваат кинескиот гигант за батерии „Contemporary Amperex Technology“, кој собра околу 5 милијарди долари во својата првична јавна понуда во Хонг Конг во мај. Кинескиот производител на електрични автомобили „BYD“, исто така, собра 5,2 милијарди долари од продажба на акции во март, а шпанскиот гигант за обновлива енергија „Iberdrola“ продаде акции во вредност од 5,9 милијарди долари во јули.

– Нуклеарната енергија привлече една петтина од сите фондови за ризичен капитал за климатски промени, главно поттикнати од „еуфоријата околу вештачката интелигенција – рече Мушфика Миши, аналитичар во „BNEF“.

Тоа вклучува 863 милиони долари собрани од „Commonwealth Fusion“, кои привлече финансирање од одделот за ризичен капитал на „Nvidia Corp“.

Институционалните инвеститори го обновуваат својот интерес во секторот, особено околу климатските технологии кои можат да ја подобрат енергетската независност и да придонесат за националната безбедност. На почетокот на октомври, „Brookfield Asset Management“ соопшти дека собрал 20 милијарди долари за финансирање на транзицијата кон чиста енергија. Порано оваа недела, „JPMorgan Chase & Co.“ објави дека ќе издвои 10 милијарди долари во директни инвестиции во акции и ризичен капитал како дел од иницијатива од 1,5 трилиони долари за индустрии што ги смета за критични, како што се батериите, нуклеарната и сончевата енергија.

„Соединетите Американски Држави ќе се борат да ја генерираат енергијата што им е потребна за да го поттикнат својот технолошки раст, освен ако не се вклучени ветерната и сончевата енергија“, рече Чука Умуна, глобален раководител на одделот за одржливи решенија на „JPMorgan“.

„Тешко е да се замисли ситуација каде што нема да им бидат потребни овие извори на енергија“, рече тој во интервју за „Bloomberg Television“.

Новото финансирање доаѓа во време кога акциите за чиста енергија ги надминуваат главните берзански индекси.

Но, дали добивките ќе продолжат во 2026-та година, останува да се види, вели Миши. Таа очекува дека рестриктивните мерки на Трамп врз проектите за обновлива енергија ќе влијаат врз довербата на инвеститорите. „BNEF“ предвидува дека инвестициите во ризични фондови, кои сочинуваат дел од финансирањето за климатски промени, ќе достигнат околу 25 милијарди долари до крајот на 2025-та година, што е намалување од 31,7 милијарди долари минатата година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП