ПочетнаЕКОНОМИЈАОд плата до плата, но секогаш во минус

Од плата до плата, но секогаш во минус

Колку реално вреди минималната плата денес? Прашање што сè почесто се слуша меѓу луѓето што работат по фабрики, пекари, маркети, па и во канцеларии каде што основната плата не оди многу над законскиот минимум.

Формално, таа денес изнесува 24.379 денари нето, но реално, со таа сума тешко дека може да се преживее цел месец – особено ако некој живее сам или плаќа кирија.

„Ако некој ми каже дека може да издржи со тие пари, нека ми објасни како“, вели Маја од Скопје, која работи во продавница веќе шест години. „Само за храна ми одат повеќе од половина плата, а да не зборувам за сметки, превоз и нешто да купиш детето…“.

Економистите веќе не ја мерат минималната плата само преку инфлацијата, туку преку „реалната куповна моќ“. Според пресметките на неколку независни аналитичари, денешните 24.000 денари имаат реална вредност колку околу 18.000 денари од пред три години.
„Тоа значи дека иако на хартија платата расте, во реалноста купуваме сè помалку“, објаснуваат економистите. „Инфлацијата не е само бројка од НБРМ – таа се гледа во маркет, на пумпа и на пазар“.

Во синдикатите велат дека минималната плата не ја следи кошничката на основни трошоци, која за едно четиричлено семејство сега надминува 65.000 денари месечно.

„Таа разлика од речиси 20.000 денари ја покриваат со кредити, со работа на црно, или со печалба од странство – не со реална заработка“, велат синдикалците.

Од друга страна, работодавачите предупредуваат дека честото покачување без продуктивност создава притисок врз приватниот сектор.

„Во некои помали компании платите едноставно не можат да растат со тој ритам, па или се кратат други трошоци, или се отпушта персонал“, вели бизнисмен од металната индустрија што сака да остане анонимен.

Сепак, најсуровата вистина не се гледа во статистиките, туку на крајот на месецот – кога платата ќе легне, а после неколку дена веќе ја нема. И тоа не затоа што луѓето трошат расипнички, туку затоа што реалноста ги надминала бројките.

Во вакви услови, минималната плата сè повеќе станува симбол на преживување, не на достоинствен живот.

И додека властите најавуваат дека „ќе продолжи трендот на раст“, луѓето на терен велат дека бројките не се важни – важно е колку векни леб, млеко и литри гориво можеш да купиш со тие пари.

А тоа, како што изгледа, секој месец вреди помалку.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП