Колку пари ќе легнат во буџетот ако се воведе данок на евтините пратки од Тему? Прашање што последниве недели го слушаме сè почесто – и од граѓани, и од економисти, и од фирми што тврдат дека се гушат од конкуренцијата на „онлајн џиновите“.
Одговорот, барем според Министерството за финансии, не е занемарлив: околу 4 милиони денари месечно, или приближно 65 илјади евра.
Толку, велат, во одредени периоди изнесува прометот што оди кон странските платформи. Со укинувањето на ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра, тие пари би се пренасочиле кон домашното стопанство.
Законските измени веќе се во собраниска процедура, а од Министерството уверуваат дека ефектите ќе се почувствуваат брзо.
„Со оваа мерка очекуваме директно влијание врз економијата и врз работењето на домашните компании“, велат од таму.
Аргументот е едноставен – досега илјадници пакети месечно пристигнувале во земјава, најчесто со стока што воопшто не плаќала данок, а дел од неа, наместо за лична употреба, завршувала на продажба по интернет или на пазарите.
„Стануваше збор за класичен пример на нелојална конкуренција. Домашните компании кои уредно плаќаат даноци и царини беа ставени во нерамноправна положба“, појаснуваат извори од финансискиот ресор.
Економистите, пак, велат дека ова не е само прашање на фискален приход, туку на правична трговија.
„Кога десетици илјади граѓани секој месец нарачуваат евтина стока од странство без да платат ДДВ, тоа се претвора во значителен износ што државата го губи. Со укинувањето на таа привилегија, се враќа еден вид рамнотежа“, велат економистите.
Од Министерството додаваат дека освен приходот во буџетот, промената ќе има и долгорочен ефект – поттик за раст на локалното производство, отворање нови работни места и зголемување на платите.
„Секој денар што останува во земјата има мултипликативен ефект. Граѓаните треба да разберат дека ова не е казна, туку начин да се заштити домашната економија“, брифираат нашите извори.
Секако, останува да се види како ќе реагираат граѓаните. Дел од нив веќе предупредуваат дека тоа ќе значи поскапување на купувањата преку интернет, но економистите се децидни – ефектот ќе биде симболичен.
„Купувачите што и онака нарачуваат ситници од по неколку евра нема да се откажат. Но ќе се намали сивиот увоз, што е многу поважно“, сметаат експертите.
Б.З.М.



