Секој ден, по илјадници млади луѓе низ Македонија стануваат, се подготвуваат и тргнуваат на работа што нема никаква врска со нивниот факултет.
Архитекти продаваат кафе, економисти стојат зад каса, филолози возат достави на храна, а правници пишуваат содржини за маркетинг страници. Сцената е толку честа што веќе никого не изненадува. И токму тоа – што стана нормално – е најтажниот дел од приказната.
„Не можев да најдам работа во струката три години по дипломирањето, па се вработив во маркетинг агенција. Со време почнав да уживам во тоа, ама не можам да се ослободам од чувството дека си фрлив четири години залудно“, вели Емилија (28), дипломиран социолог од Скопје.
Таа не е исклучок. Напротив, дел е од генерација што порасна со верувањето дека факултетот е билет за подобра иднина, а се соочи со пазар на труд каде дипломата ретко кој ја бара, а уште поретко ја цени.
Според податоците, над 40% од младите вработени во земјава работат нешто што не е поврзано со нивното образование.
Дел од нив се задоволни – велат дека се пронашле во некоја нова професија. Други пак, со доза разочараност, признаваат дека едноставно прифатиле што им се нудело.
„Не се работи само за пари“, додава Виктор (32), машински инженер што сега има своја продавница за техника. „Туку за тоа што целиот систем те тера да се чувствуваш безвредно ако не работиш по диплома. А кога конечно ќе најдеш работа – сфаќаш дека тоа што си го учел, никому не му е важно“.
Психологот Сања Љубеновиќ смета дека причината не е само во недостигот од работни места, туку и во погрешните очекувања што образовниот систем ги вградува во младите.
„Ние ги воспитуваме децата со идеја дека дипломата е крајната цел. Но дипломата сама по себе не значи ништо ако не се надоградува, ако не се приспособува на реалноста. Денешниот свет се менува побрзо од наставните програми“, вели нашата соговорничка.
Во исто време, компаниите бараат луѓе што „знаат да работат“ – не оние што само „знаат теорија“. Многу фирми денес вработуваат лица со сосема различно образование од потребното, сè додека покажуваат способност да учат и да се снајдат.
Еден ИТ менаџер кој сакаше да остане анонимен признава:
„Имам луѓе во тимот со диплома од туризам, дури и од ликовна академија. Искрено, воопшто не ме интересира што завршиле, туку дали можат да ја завршат работата“.
Оваа нова реалност ја крши старата формула „учи за да бидеш нешто“. Сè повеќе станува „учи за да преживееш“. Иако звучи сурово, тоа е начинот на кој младите денес се прилагодуваат.
Фриленс, онлајн работа, самовработување – новите патеки не бараат диплома, туку храброст, креативност и постојано учење.
Но постои и таа тивка горчина што ја носат многумина. Кога ќе поминеш покрај универзитетот и ќе се сетиш колку си верувал дека таму почнува животот. А потоа, пет години подоцна, стоиш во маркет, зад шанк, или во магацин и се прашуваш… каде точно се изгуби она „ќе станам некој“?
Сепак, некои од тие „погрешни“ професии се претвораат во животни пресврти. Од нив се раѓаат нови занаети, нови приказни.
„Можеби дипломата ми е празна, ама животот не ми е“, вели една девојка од Куманово што со диплома по биологија отвори мала пекарница. И додаде со насмевка: „На факултет не ме научија да месам тесто, ама ме научија да не се откажувам“.
И можеби токму тоа е суштината. Не е проблем што дипломата не носи работа. Проблем е што системот нѐ учи дека успехот нема една форма, ниту една патека.
Некој ќе ја унапреди фирмата на татко му, некој ќе стане шеф во корпорација, а некој ќе продава кафе со насмевка и ќе биде посреќен од сите нив заедно. Сè додека некој таму, зад универзитетската катедра, не признае дека празната диплома понекогаш значи – полн живот.
Б.З.М.



