Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, ја обвини Кина дека се обидува да ѝ наштети на глобалната економија откако Пекинг воведе широки контроли врз извозот на ретки минерали, погодувајќи ги глобалните синџири на снабдување.
Бесент изјави за Фајненшл тајмс дека воведувањето на контролите од страна на Кина – три недели пред очекуваната средба на американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот кинески колега Си Џинпинг во Јужна Кореја – ги одразува проблемите во кинеската економија.
-За време на викендот, беше одржана значајна комуникација меѓу двете страни, а оваа недела во Вашингтон ќе се одржат состаноци на ниво на работните тимови на САД и Кина, на маргините на годишните собири на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд – додаде тој.
-Не мора да се воведе царина од 100 проценти – рече Бесант.
-И покрај минатонеделната најава, односите се добри. Линиите на комуникација се повторно отворени, па ќе видиме каде ќе води тоа.
Претседателот Трамп рече дека царините нема да стапат на сила до 1 ноември. Тој ќе се сретне со претседателот Си во Кореја. Верувам дека состанокот дефинитивно ќе се одржи.
Трамп и Си планираа да се сретнат за време на самитот на Азиско-пацифичкиот форум за економска соработка, чиј домаќин е Јужна Кореја на крајот на октомври.
Во соопштение објавено во вторник, Министерството за трговија на Кина потврди дека претходниот ден се одржал состанок на работно ниво, потсетувајќи на претходните формални разговори одржани во Лондон, Стокхолм и Мадрид, кои кулминираа со продолжување на рокот за царина за дополнителни 90 дена.



