Афионот повторно се враќа на македонските ниви. По децении заборав и строги ограничувања, оваа култура, некогаш симбол на македонскиот аграр и економија, повторно добива внимание меѓу земјоделците.
Причината е едноставна – се појавија фирми што нудат гарантиран откуп, повисоки цени и сигурност каква што одамна немало.
Во 2022 година, на пример, според официјалните податоци на Министерството за земјоделство, во земјава биле засеани 35 хектари афион, со откупени 10,5 тони суви чушки. Една година подоцна, површините се преполовиле, но производството не згаснало. За оваа сезона се склучени околу 25 договори со земјоделци за 15 хектари, што покажува дека интересот и натаму постои, иако е сè уште ограничен.
Во игра се враќаат и компании кои нудат договорено производство на афионов мак, со сертифицирано семе, техничка поддршка и минимална цена од 90.000 денари по тон, со можност за дополнителен бонус ако пазарот биде поволен.
„Нашата цел е да го вратиме афионот како рентабилна култура во Македонија, но под целосна контрола и транспарентни услови“, вели претставник на чешка фирма со седиште во Скопје.
Овие гаранции, велат земјоделците, конечно внесуваат стабилност.
„Порано ризикувавме – ќе посееш, ќе вложиш, па на крај можеби никој нема да го земе. Сега имаме договор, имаме цена и не мислиш дали ќе ти пропадне жетвата“, објаснува Томе Марковски, земјоделец од битолско, кој по дваесет години повторно засадил афион.
Но, афионот не е обична култура. Неговото производство е строго контролирано со закон и дозволено само за правни лица со лиценца од Министерството за земјоделство.
„Тоа не е пченка ниту тутун – ова бара дисциплина, редовни контроли и потполно следење на процедурите“, објаснуваат агроекономистите. „Но ако државата обезбеди фер услови, а откупувачите се сигурни, Македонија може повторно да стане фактор во легалното производство на афион“.
Во минатото, Македонија била еден од најзначајните производители во Европа. Во периодот меѓу двете светски војни, според историските податоци, земјата покривала дури 43 проценти од светската легална побарувачка за афион. И денес, цветот на афионот е дел од државниот грб – симбол на плодноста и традицијата на земјата.
Експертите со коишто разговаравме на оваа тема сметаат дека токму оваа култура би можела да биде „скриениот адут“ во обидот за ревитализација на руралната економија.
„Афионот не бара големи површини, но бара знаење и трпение. Може да биде одличен избор за мали земјоделци што сакаат сигурен приход, ако државата и компаниите го направат процесот транспарентен. Во многу земји, како Чешка и Турција, производството на медицински афион е пример како да се спојат традицијата и современата фармацевтска индустрија“, коментираат експертите.
Трендот на договорено производство, по примерот на европските земји, полека се шири и кај нас. Откупувачите ги советуваат земјоделците, обезбедуваат семе и дури им помагаат при бербата, за да се гарантира квалитет.
Б.З.М.



