ПочетнаЕКОНОМИЈАФискална сметка или катанец на врата – инспекторите тргнаа во акција

Фискална сметка или катанец на врата – инспекторите тргнаа во акција

Последниве недели инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП) не седат во канцеларии – излезени се на терен, со ракавите засукани, и буквално проверуваат кој издава, а кој „заборава“ да издаде фискална сметка.

Кафеаните, рестораните и бутиците повторно се најчести на списокот на прекршители, иако законот за регистрирање на готовински плаќања е во сила веќе со години.

Само во септември се спроведени 267 контроли низ државата, а инспекторите изрекле десет казни за неиздавање фискални сметки, седум за невоведување или некористење фискален систем и затвориле два објекта.

Контролите опфатиле секаков вид деловни субјекти – од ресторани и кафе-барови до бутици, месарници, цвеќарници и хотели.

– Целта не е казнување, туку ред и фер-плеј за сите. Граѓаните и бизнисите мора да разберат дека фискалната сметка е гаранција дека системот функционира – брифираат од Управата за јавни приходи.

Во периодот од 22 до 29 септември биле направени 72 контроли, а за утврдени неправилности се изречени 22 прекршочни казни. Казнети се и девет таксисти, шест автомат-клубови и двајца адвокати, а еден објект бил запечатен. Два објекта биле затворени веднаш при инспекциската контрола.

Најмногу контроли имало во Скопје – 22, од кои осум завршиле со констатирани неправилности. Во Прилеп биле извршени 15 контроли со две неправилности, во Куманово 17 со две, а во Делчево шест со една.

По реакциите на јавноста зошто не биле опфатени Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево, од УЈП објаснија дека тие градови биле проверувани во претходниот период, од 15 до 21 септември.

Тогаш биле направени 111 контроли, а неправилности биле утврдени кај 35 субјекти.

Во Тетово, на пример, направени се 25 контроли и откриени осум прекршоци, во Кичево четири контроли со две неправилности, додека во Струга – две контроли без утврдени прекршоци.

Сопствениците на дуќани велат дека немаат ништо против контролите, но бараат повеќе разбирање за реалните услови во кои работат малите бизниси.

„Се случува апаратот да се расипе или да нема струја, а инспекторот веднаш запишува казна. Наместо тоа, може да се даде опомена“, вели Блаже Ј., сопственик на продавница за облека во Центар.

Од битолски бутик коментираат дека казните се преголеми за нивните можности.

„Прометот ни е 5.000 денари дневно, а казната 500 евра. Тоа е недела дена работа за џабе! Наместо само со казни, можеше да има и едукативни контроли“, додава сопственичката Марина.

Сопственик на кафе-бар во Карпош додава:
„Никој не е против ред, ама и инспекторите нека бидат луѓе. Не сме криминалци ако еднаш не излезе сметка поради дефект“.

Од УЈП, пак, брифираат дека нема толеранција за непочитување на законот, но дека секогаш се отворени за дијалог со бизнисите.

„Фискалната сметка не е само парче хартија, туку доверба меѓу граѓанинот, државата и стопанството“, појаснуваат нашите соговорници.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП