Секои четири години иста песна – „ќе направиме ова, ќе направиме она“. Така и во оваа предизборна политичка кампања, се изнаслушавме ветувања, планови, проекти и сите тие во интерес на граѓаните и подобрување на нивниот квалитет на живот. Но дали некој се заинтересира, што и во која мера се реализирале предизборните програми на кандидатот за градоначалникот кој ја добил довербата од граѓаните?
Иако најголемиот дел од градоначалниците кои се на власт имаат и објавено свој отчет за сработеното, ретко кој од граѓаните, а да не е партиски член е задоволен од работата на првиот човек на општината.
Во овие предизборни денови секој кандидат со свои математики, секој со своите планови надежи дека токму тој е вистинскиот човек за локалната самоуправа. Доколку кандидатот не е актуелен градоначалник, речиси секогаш посегнува и по црната или критичката кампања, како би го оштетил неговиот противник од власта. А тоа може да се стори само преку објавување на проектите кои се ветени, а не се ниту започнати или се заглавени негде на средина, и се далеку од реализација.
Асфалтот или реконструкцијата и изградбата на патишта во време на локални избори се едно обележје кое во Македонија никако да излезе од мода. Тогаш целата механизација е на терен, се асфалтираат патишта, се редат бекатон плочки на пешачките патеки, се шминка хоризонталната сигнализација на патиштата и се тоа како за чудо поминува кај граѓаните, барем кај дел од нив кои и покрај тоа што сме 21 век се уште газат во кал и им веруваат на политичарите.
Интересно е тоа што најголем дел од проектите кои се прикажани во програмите но и во отчетот за сработеното се активности кои спаѓаат како редовна работна задача за секоја локална власт. Училиштата мора да се одржуваат, градинки мора да се градат, детски паркови и игралишта мора да има во секое мало, а овие три работи кандидатите ги кажуваат како божем тоа е нешто за кое што мора да моли обичниот човек. Се помалку се зборува за развој на општините, се помалку се зборува како да се подобри наплата на даноците, како да се подобри економската состојба на општините и како да се биде независен од централната власт.
Политиколозите многу пати посочија дека потребна е поголема политичка култура не само на политичарите, туку и на самите граѓани, да можат и да ги препознаат сите обиди за манипулација и популизам токму во деновите кога треба да се даде гласот на некој кој треба да ја води општината.
Тоа што вистински им треба на граѓаните а ретко кој го ветува е борбата со загадениот воздух, чистотата и решение за хаосот со ѓубрето и дивите депонии кое е застапено во речиси секоја од 81 општина. На граѓаните и се потребни подобро образование, здравство, јавен превоз и места за рекреација, спорт и култура. Кога поубаво ќе се види состојбата во која живееме, ќе се забележи дека нам ни недостасува буквално се.
И.П



