ПочетнаЕКОНОМИЈАПари за рурален туризам има, ама дозвола од државата нема?!

Пари за рурален туризам има, ама дозвола од државата нема?!

Младите што заминале во странство, а денес повторно гледаат кон своите родни села и градови, носат со себе нешто повеќе од носталгија – носат желба да вложат, да направат нешто свое.

Да изградат куќа за гости, да отворат мала кафеана покрај патот, да понудат искуство за странците што никогаш не виделе вистински селски ручек под лозница.

Но, кога ќе се соочат со македонската бирократија, ентузијазмот почнува да се топи. Урбанистички план нема, градежна дозвола не може да се извади, па целиот проект застанува во место.

„Имам пари, имам идеја, имам и место – ама нема хартија“, вели млад повратник од Германија, кој сакал да вложи во рурален туризам во Кичевско. „Ми бараат план, а таму нема план ни за водовод, ни за пат, камо ли за туризам“.

Во ваква ситуација, многумина со добра волја едноставно се откажуваат. И тоа токму во момент кога државата и Европа нудат шанса што не се пропушта.

До крајот на годината, Министерството за земјоделство ќе го објави јавниот оглас за Мерка 7 од новата ИПАРД 3 програма – една од најатрактивните досега. Со неа може да се добие грант од 10.000 до дури 600.000 евра за инвестиции во рурален развој. Пари што можат да ја променат сликата на нашите села, но… само ако има каде да се гради.

„Мерката е исклучително поволна“, објаснува агроекономист од Програмата за рурален развој. „Посебно затоа што новина е и можноста за авансна исплата до 50 отсто од одобрената финансиска поддршка, веднаш по потпишување на договорот. Тоа значи дека ако проектот вреди 100.000 евра, апликантот ќе може веднаш да добие 30.000 евра и да започне со работа“.

Според него, ова е практично првиот обид да се олесни пристапот до европските фондови за луѓето што немаат огромен капитал, но имаат идеја.

Иако останува клучниот услов – од вкупната инвестиција, 40 отсто мора да се обезбедат од сопствени средства.

Во програмата може да се конкурира со широк спектар на проекти: изградба на објекти за рурален туризам, мали сместувачки капацитети, угостителски објекти, активности што го оживуваат занаетчиството, традиционалната храна, па дури и манифестации поврзани со локални обичаи.

Но, сè додека земјиштето е во зона без урбанистички план, документите остануваат на дното од фиоката.

„Парадоксално е“, додава соговорникот, „имаме европски пари за рурален туризам, но каде да се гради кога нема урбанистички планови? Тоа е како да имаш мотор без тркала“.

Меѓутоа, интересот постои и расте. Општините во источниот и западниот дел од земјата веќе добиваат прашања од потенцијални апликанти – млади што се враќаат од Германија, Италија, Словенија, па дури и од Америка.

„Сакам да направам куќа со пет соби, нешто традиционално, со дрво и камен, каде туристите ќе доживеат вистинско село,“ раскажува Ана, 36-годишна повратничка од Австрија. „Но кога отидов во општина, ми рекоа дека за тоа подрачје нема план. Ми предложија да чекам, ама колку? Јас веќе го имам кредитот во банка“.

Зад бројките и прописите, останува човечката страна – луѓето што сакаат да се вратат и да градат, наместо да заминуваат.

Но, државата сè уште им дава повеќе причини да останат странци во сопствената земја. И додека чекалните во општините се полнат со апликации што не можат да се движат, европските пари стојат на располагање, подготвени да ги раздвижат македонските села. Само треба да има каде да се почне. И кој да дозволи.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП