Големиот дефект на водоводната инсталација во Скопје уште еднаш го отвора прашањето, колку на главниот град му е потребна итна санација и промена на поголемиот дел од цевките со кои граѓаните се снабдуваат со питка вода за пиење. Тоа е процес кој е неопходен но и скап. Но, бенефитот ќе биде повеќекратен, ќе се подобри инфраструктурата, а тоа ќе значи и подобар притисок за граѓаните во високите зони, но и намалување на губитоците на вода кои ги има Јавното Претпријатие Водовод и Канализација Скопје. Но вакви проблеми има на цела територија на државата, не само во Скопје.
На неколку пати од Регулаторната комисија за енергетика потенцираа дека загубите на водата за пиење е на аларматно ниво. Предлогот на регулаторот е следен, за да се намали загубата на водата за пиење која на национално ниво во просек изнесува близу 64 %, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад да ја определува конечната цена на водата. За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет на закони, за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената, не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието, за да отпочне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги“, изјави Бислимоски, претседател на РКЕ.
Ставот на Бислимовски е дека неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што пак ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем кој ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари кои ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори.“ изјави Бислимоски.
Пред неколку дена при експлозија на водоводна цевка Ф600 во скопската населба Влае повеќе од пола Скопје остана неколку часа без вода. Според информациите 12 часа екипи на Јавното претпријатие работеле на дефектот се со цел да се нормализира ситуацијата и да се поправи дефектот.
„Поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем. Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се два дефекта истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите.“, соопштија од ЈП Водовод и канализација.
На неколку пати регулаторот апелираше до општините сметките за вода да се зголемат за 50тина денари со што тие пари ќе бидат искористени за инвестиции во водоводната инфраструктура. Само како едноставен пример, половина ден да нема вода за пиење, едно семејство ќе потроши повеќе пари за да купи вода отколку да плати симболично повисока сметка кој ќе резултира со бенефит на долг рок.
И.П



