Капачињата за тегли годинава станаа најевтиниот дел од македонската зимница – и тоа не звучи ниту малку смешно кога ќе се погледне цената на пиперките.
Во земја каде што мирисот на печена ајварка се смета за официјален знак дека есента пристигнала, овие денови многу домаќинства ја преиспитуваат традицијата.
„Сметките едноставно не излегуваат“, вели со мала горчина Снежана од Ѓорче Петров, која со години прави ајвар за цела фамилија. „Ако треба да платиш по 100 денари за килограм пиперка, подобро купи готов. Иако, не е тоа истото…“.
Според податоците, просечната цена на пиперките за ајвар моментално е 77,5 денари за килограм, а во Охрид дури 120 денари.
Лани, пак, едно македонско семејство во просек изело 2,8 килограми ајвар, покажуваат официјалните статистики – што, ако се пресмета, значи дека само суровината за оваа количина годинава чини речиси колку половина просечна плата.
Во продавниците, цените на капачињата се движат од 2 до 4 денари, а теглите од 12 до 39 денари, во зависност од големината.
„Ова првпат се случува – теглата и капачето да бидат најевтините работи“, коментира еден продавач на скопскиот Зелен пазар, удирајќи со прст по металното капаче како за потсетник дека некогаш тоа било последното нешто за кое се грижеле домаќинките.
Традиционално, сезоната на ајварите почнува околу 15 септември и трае до празникот 11 Октомври. Но поради продолжените жештини, ретко кој се осмелува да го „пали пампурот“ во летна температура.
„Ајвар на 35 степени? Тоа е рецепт за несвест, не за зимница“, вели со смеа Милена од Кисела Вода, која годинава ќе почека неколку недели „да залади“.
Од земјоделските откупни пунктови најавуваат дека цената на екстра класата куртовска капија моментално е околу 45 денари за килограм, додека првата класа е поевтина за пет денари.
Но, тоа се откупни цени – на пазар, цената расте двојно.
„Производството годинава е послабо, а побарувачката пред зимница секогаш е голема. Секој сака да прави, па цената оди горе. Така е секоја година, ама оваа малку се претера“, објаснува земјоделец од Росоман, кој со години продава пиперки за ајвар.
Во меѓувреме, по социјалните мрежи кружат шеги дека „оваа година ќе правиме ајвар само за мирис“.
Други, пак, велат дека ќе си направат „мини-зимница“ – неколку тегли за душа, чисто да не исчезне традицијата.
Се чини дека вистинската борба оваа есен нема да биде само со жарот и чадот од скара, туку со цените кои полека го претвораат домашниот ајвар во вистински луксузен производ.
Б.З.М.



