ПочетнаКОМПАНИИ„SoftBank“ ќе ја купи единицата за роботика на „ABB“ за речиси 5,4...

„SoftBank“ ќе ја купи единицата за роботика на „ABB“ за речиси 5,4 милијарди долари

„SoftBank Group“ објави дека ќе ја купи единицата за индустриски роботи на „ABB“ за речиси 5,4 милијарди долари. Договорот го одразува интересот на јапонскиот инвестициски гигант во оваа растечка област, објави „Bloomberg“.

Швајцарскиот индустриски конгломерат соопшти дека се откажува од својата претходна намера да го одвои бизнисот во посебна котирана компанија. Се очекува договорот со „SoftBank“ да се затвори кон средината или крајот на 2026-та година.

„ABB“ во април изјави дека планира да го одвои својот оддел за роботика во 2026-та година. Тоа беше еден од првите големи стратешки потези на извршниот директор Мортен Виерод, кој ја презеде компанијата во август минатата година.

Со оглед на ограничените деловни и технолошки синергии помеѓу роботиката и другите оддели на компанијата, како и различните карактеристики на побарувачката и пазарот, групацијата очекуваше одвојувањето на бизнисот да ѝ помогне да извлече поголема вредност, потсетува „Wall Street Journal“.

„Понудата на „SoftBank“ беше внимателно оценета од страна на одборот и извршниот комитет и споредена со нашата првична намера за одвојување. Таа ги одразува долгорочните предности на дивизијата, а продажбата ќе создаде непосредна вредност за акционерите на нашата компанија“, коментираше претседателот на „АВВ“, Питер Возер.

Како резултат на денешниот договор, раководителот на роботиката и дискретната автоматизација на „АВВ“, Сами Атија, ќе ја напушти „АВВ“ до крајот на 2026-та година. Сепак, Атија ќе продолжи да го поддржува бизнисот со роботика и процесот на одвојување во 2026-та година како стратешки советник.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП