ПочетнаЕКОНОМИЈАСвињите се здрави, ама извозот е болен

Свињите се здрави, ама извозот е болен

Состојбата со африканската свинска чума во Македонија, и покрај сите предупредувања и стравови, засега е ставена под контрола. Инфекцијата што предизвика масовно уништување на свињи во дел од Европа не успеа да се прошири во домашните фарми. Надлежните уверуваат дека нема причина за паника – свинско месо има доволно, залихите се стабилни, а цените нема да се зголемуваат.

„Ниту има нови жаришта, ниту има опасност за населението. Превентивните мерки се навремено преземени, а ситуацијата се следи секојдневно“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде додаваат дека редовно се врши контрола на фармите, особено во ризичните региони каде што претходно биле регистрирани сомнителни случаи.

Иако македонското свинско е безбедно и квалитетно, проблемот лежи во нешто друго – извозот. Европските и регионалните пазари, од претпазливост, привремено го блокираа увозот на свинско месо и живи свињи од Македонија.

Сите држави во соседството вовеле превентивни ограничувања за да го заштитат сопствениот сточен фонд. Тоа практично значи дека македонските фармери, и покрај тоа што произведуваат здраво месо, моментално не можат да го пласираат надвор од земјата.

„Тоа ни создава финансиски проблем, бидејќи домашниот пазар е мал, а храната за животните е поскапа од порано. Но, важно е што болеста не се шири, тоа ни дава надеж дека наскоро ќе се вратиме на нормалниот извоз“, вели еден од одгледувачите од источниот регион.

Во моментов, домашните кланици работат со нормален капацитет, а маркетите немаат никаков недостиг.

Цената на свинското месо останува стабилна и, според проценките на производителите, нема услови за поскапување.

Единствен ризик, велат тие, би можел да биде евентуален пораст на трошоците за сточна храна доколку продолжат климатските промени, но не и поради здравствени закани.

Од АХВ нагласуваат дека земјата е под постојан ветеринарен надзор, дека се спроведуваат биосигурносни мерки и дека сите случаи на сомнение се веднаш проверуваат.

„Африканската свинска чума не е болест што се лекува, па затоа превенцијата е единственото оружје“, додаваат оттаму.

Засега, македонските фарми остануваат мирни, со свињи кои растат без страв од епидемија.

Единствената мака – што нивното месо, иако здраво, останува затворено во рамките на границите. Но подобро е така, велат фармерите, отколку да се соочиме со катастрофа каква што видоа соседите.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП