ПочетнаЕКОНОМИЈА50% од младите сметаат дека нивната генерација ќе стави крај на корупцијата...

50% од младите сметаат дека нивната генерација ќе стави крај на корупцијата во Македонија!

Невладината Аналитика спроведе истражување во кои акцент е ставен на влијанието на корупцијата врз младите луѓе во земјава. Резултатите од истражувањето покажуваат дека младите се високо свесни за постоењето и распространетоста на корупцијата во општеството, нивното разбирање дополнително ја надминува класичната дефиниција на корупција како поткуп или злоупотреба на функција. Младите ја согледуваат како комплексен, повеќеслоен феномен што опфаќа различни форми на институционално и индивидуално девијантно однесување.

Младите прецизно ги препознаваат системските причини и главните жаришта на корупцијата. Тие најчесто ги наведуваат институционалните слабости, политизацијата и нефункционалноста на судството и обвинителството, како и неефикасноста на јавните служби. Дополнително, сметаат дека неказнивоста и отсуството на лична одговорност кај носителите на јавни функции создава амбиент во кој корупцијата може непречено да опстојува и засилено да се шири.

Во извештајот стои дека особено загрижувачки се наодите поврзани со корупцијата во образованието. Податоците велат дека повеќето испитаници веќе имале директно или индиректно искуство со коруптивни практики во училиштата и универзитетите – како што се купување дипломи 30%, поткуп за оценки 24,3% и фаворизирање на ученици 21,3%. Ова укажува дека младите уште во рана возраст се изложени на образовен систем кој, наместо да ги гради вредности како знаење, труд, интегритет и правичност – ја нормализира корупцијата.

„Многу млади ја губат мотивацијата, се демотивираат, немаат доверба во институциите и размислуваат за емиграција. Корупцијата, со други зборови, не само што го нарушува институционалниот интегритет, туку негативно влијае и врз личниот развој, граѓанската активност и социјалната доверба.

Значителен дел од младите сметаат дека темата за корупција е или целосно отсутна или недоволно застапена во наставните програми. Ова укажува дека образовниот систем ја запоставува својата улога во превенција и градење на антикорупциски вредности“, стои во извештајот.

Анкетата покажува дека младите генерално ја доживуваат корупцијата како родово неутрална, но препознаваат разлики по пол во одредени области – особено во процесите на вработување, каде што жените се перципираат како поизложени и тоа 68,8%. Нејасноста и неодговореноста на прашањата поврзани со сексуална корупција укажуваат на недоволна информираност, но и на постоење на стигма и чувствителност.

Во однос на институциите надлежни за борба против корупцијата, младите изразуваат високо ниво на недоверба. Само 8% целосно се согласуваат дека институциите активно се борат против корупцијата. Владата, судството и полицијата се препознаени како носители на одговорност, додека политичките партии – и покрај нивната реална моќ – не се доживуваат како дел од решението, туку напротив, како клучни актери во генерирањето на системска корупција. Особено индикативно е што само 23,4% сметаат дека политичките партии се одговорни за справување со корупцијата, додека 29,4% ја посочуваат дкск како релевантна институција. Но, само 19,4% од младите би пријавиле корупција токму кај оваа институција, што укажува на недоволна доверба и потреба за поголема видливост и пристапност на ДКСК кај младата популација.

„Се идентификува и потенцијал за граѓанска мобилизација. Речиси половина (47,1%) од младите веруваат дека можат да придонесат во борбата против корупцијата, и 51% би се вклучиле во конкретни активности ако им се овозможи простор, поддршка и сигурни механизми. Притоа, решенијата кои тие ги предлагаат – независно судство (47,1%), заштита на свиркачите (39,6%), департизација (28,6%), институционална транспарентност и етичко образование – укажуваат на свесност за потребата од системски и вредносен пристап. Младите имаат високо ниво на недоверба и страв. 30,7% не би пријавиле бидејќи сметаат дека тоа нема ефект, а 13,5% поради страв од последици. Анонимноста се појавува како најпосакуван механизам за заштита (46,6%), а поддршка од младински организации и граѓански групи (21,1%) би им помогнала да се охрабрат. Овој наод ја нагласува потребата од функционални, сигурни и достапни механизми за пријавување“, стои во истражувањето.

Половина од испитаниците 50,7% изјавиле дека би користеле мобилна апликација за анонимно пријавување, додека дополнителни 36,9% одговориле дека можеби би ја користеле. Овој висок процент укажува дека младите го препознаваат дигиталниот простор како можност за активизам и пријавување – особено кога се чувствуваат недоволно заштитени од традиционалните институционални механизми. Овие наоди заеднички укажуваат дека младите ја препознаваат корупцијата како еден од клучните проблеми на општеството, но за да се активира нивниот потенцијал во борбата против неа, неопходно е да се изградат нови и доверливи канали на поддршка, институционална отчетност и безбедни форми на ангажман.

Резултатите од анкетата јасно ја нагласуваат потребата од системски и интегриран пристап во борбата против корупцијата, со младите како клучни и активни чинители во овој процес. За да се поттикне вистинска мобилизација и мотивација кај младата популација, неопходно е значително да се засили и поддржи и формалното и неформалното антикорупциско образование. Ваквото образование треба да овозможи стекнување знаења, вредности и конкретни алатки за препознавање, спречување и пријавување коруптивни практики. Овој пристап бара координирани, долгорочни и усогласени чекори од страна на креаторите на политики, образовните институции и граѓанскиот сектор.

Од Аналитика препорачуваат Владата, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да:
„Го унапредат и институционализираат антикорупциското образование и градењето интегритет во сите нивоа на формалното образование – од основно до високо. Темите поврзани со корупција, етика и одговорност да бидат интегрирани низ наставните програми, не само во одредени предмети. Обезбедат редовна евалуација на ефективноста на постојните антикорупциски содржни, со цел да се мери нивното влијание врз знаењето, ставовите и однесувањето на учениците и студентите. Инвестираат во развој на иновативни, интерактивни и практични едукативни содржини, кои ќе го продлабочат разбирањето за корупцијата и ќе поттикнат критичко размислување, лична одговорност и активно граѓанство. Воспостават постојана соработка со ДКСК, граѓанските организации и експерти при развојот и спроведувањето на антикорупциските образовни програми. Го зајакнат капацитетот и интегритетот на наставниот кадар преку обуки, менторска поддршка и достапни ресурси. Ова ќе овозможи поквалитетна настава, подобро разбирање на темите поврзани со корупција и отпорност на училиштата на коруптивни влијанија. Воспостават мониторинг и евалуациски механизам за следење на ефектите од антикорупциското образование преку редовни анкети и извештаи. Воспостават обврзувачки индикатори за интегритет при надзор на воспитно-образовните институции. “ стои во истражувањето.

Во однос на препораките за младите, во извештајот се наведува, активно да се вклучуваат во формални и неформални едукативни програми и активности поврзани со етиката и антикорупцијата. Да иницираат и спроведуваат сопствени проекти, кампањи и врснички активности што ја промовираат транспарентноста и граѓанската одговорност. Да ги охрабруваат своите наставници, училишта и локални заедници да го поддржат антикорупциското образование и неговата суштинска примена. Да пријавуваат коруптивни практики, барајќи воспоставување на безбедни, доверливи и ефикасни механизми за пријавување и заштита. Да учествуваат во младински совети, ученички парламенти и иницијативи кои обезбедаат платформа за нивниот глас во процесите на носење одлуки. Да создаваат и користат мобилни и дигитални алатки за врсничка едукација и мобилизација во борбата против корупцијата.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП