Европејците прават омлети од македонски јајца, додека ние пресметуваме колку парчиња можеме да си дозволиме за викенд.
Иронијата е што земја со највисок раст на извоз на јајца во Европската Унија – цели 111 проценти во една година – денес плаќа по 12 денари за едно јајце.
Украина сè уште е главен снабдувач, но Македонија веќе не е само белешка во табелите. Нашите јајца одамна завршуваат во европски кујни, а таму не се гледаат како евтин производ, туку како стабилен извор на протеини во време кога и храната стана стратегија.
Во меѓувреме, тука, во домашните маркети, цената пак порасна. Десет јајца од големина Л сега чинат меѓу 99 и 120 денари. Тоа е второ поскапување во само два месеца, околу 15 проценти нагоре.
Мнозина веќе нервозно потсетуваат дека пред две години цената беше толку неконтролирана што Владата мораше да ја замрзне.
Тогаш парче се продаваше по 12 до 15 денари, а луѓето се прашуваа дали ќе поскапи и сонцето што ги грее кокошките.
Од земјоделскиот сектор велат дека растот на извозот звучи добро на хартија, но не секогаш носи корист дома.
„Кога имаш побарувачка од надвор, производителите секогаш ќе се определат за тој пазар, затоа што таму се плаќа повеќе. Тоа автоматски ја притиска домашната понуда и цените овде растат“, објаснува еден производител од Пелагонија.
Според него, проблемот е што трошоците за сточна храна и енергија не се намалуваат, а субвенциите се бавни и несигурни.
Лани, едно просечно македонско семејство потрошило околу 20 табли годишно, односно 609 јајца – бројка што на прв поглед звучи многу, но ако се пресмета дневно, не е ни две јајца на ден. И тоа во земја каде што јајцето е дел од секој појадок, од секој ручек кога нема месо, од секој омлет за дете што не сака ништо друго.
А Европа? Европа јаде македонски омлети. Нашите јајца одат во преработка, во фабрики за тестенини, колачи, готови оброци.
На пазарот таму се вреднуваат, а овде – поскапуваат. И така, кругот се затвора.
Извезуваме евтино, увезуваме скапо, и на крај, кога ќе дојдеме пред рафтот, само се прашуваме: „Па добро, ние ли сме тие што ги произведуваме, или тие што ги плаќаат?“
Б.З.М.



