Европскиот парламент денес гласаше за забрана на употребата на термини како што се стек, колбас и хамбургер за производи што не содржат месо.
Членовите на Европскиот парламент со 355 гласа „за“ и 247 „против“ го поддржаа предлогот на десницата за забрана на термини како што се „вегетаријански стек“ и „вегетаријански бургер“. Сепак, оваа мерка сè уште треба да се преговара со европските земји.
„Станува збор за транспарентност и јасност за потрошувачите и признавање на работата на нашите земјоделци“, рече Селин Имар, десничарската членка на Европскиот парламент (Европска народна партија) која го иницираше законот.
Вегетаријанските производи слични на месо доживеаја бум во последниве години, поттикнати од загриженоста на потрошувачите за здравата исхрана, заштитата на благосостојбата на животните и намалувањето на нивниот еколошки отпечаток, при што сточарските фарми се главни емитери на јаглерод диоксид.
Тој закон, чија цел е забрана на етикетите како „стек од соја“, ја подели десницата. Германскиот пратеник Петер Лизе смета дека е „срам“ што Европскиот парламент посветува време на „такви глупости“.
„Не смееме да ги сметаме потрошувачите за будали. Ако на пакувањето пишува „вегетаријански бургер“ или „вегетаријанска колбас“, секој може да одлучи дали да го купи или не“, рече Лизе.
Француската индустрија за добиток и месо верува дека со присвојување на името месо за маркетиншки цели, алтернативите на растителна основа „ги замаглуваат границите и го ослабуваат препознавањето на суровиот, 100 проценти природен производ“.
Во 2020 година, членовите на Европскиот парламент отфрлија закон на истата тема.
Сепак, европските избори во 2024 година го поместија партискиот баланс, давајќи им повеќе места на десничарските и крајно десничарските европратеници, кои ја нагласуваат својата блискост со земјоделскиот сектор.



