Сè поскапува, па и нарачките од странство. Владата предложи измени во Законот за ДДВ со кои ќе се избрише ослободувањето од плаќање данок за пратките до 22 евра.
Ако до вчера граѓаните безгрижно нарачуваа евтини гаќи, кабли или налепници од Тему и од Алиекспрес, наскоро секоја таква пратка ќе биде поскапа за уште 18 проценти. Односно – повеќе нема да има евтини „ситници“ без данок.
Само во јуни, според податоците на Царинската управа, во Македонија пристигнале над 250 тони стока преку Тему, а од нив 95.000 килограми биле мали пратки што не подлежеле на давачки.
„Ќе мораме да ги следиме новите регулативи на Владата. Ако се усвојат овие измени, сите увозни пратки, без разлика на нивната вредност, ќе се оданочуваат со 18 проценти ДДВ“, велат од Царината.
Граѓаните, пак, веќе негодуваат.
„Па ние од Тему си купувавме чорапи, детски играчки, некоја ситница што ја нема по продавници. Ако сега и тоа поскапи, нема веќе ќеф за шопинг“, вели Маја од Скопје, која секој месец правела неколку нарачки по неколку евра.
Друг додава: „Не купувам телефони или скапи работи, туку нешта од по неколку долари. Ако и на тоа плаќам данок, нема логика, тоа е како да се казнува сиромаштијата“.
Од друга страна, сопствениците на локални продавници го поздравуваат потегот.
Еден дуќанџија од ГТЦ ни рече:
„Ние губиме муштерии поради Тему. Луѓето гледаат дека таму е поевтино, ама не сметаат дека ние плаќаме кирија, комуналии, работници. Ако воведат ДДВ и за тие пратки, можеби конечно ќе се израмни теренот“.
Друг додава со половична насмевка: „Не е фер да конкурираш со платформа што продава маица за 3 евра, а тебе само пакувањето те чини толку“.
Во суштина, Владата вели дека со оваа мерка ќе се спречи нелојалната конкуренција и ќе се зголемат буџетските приходи. Но, јавноста ја чита поинаку – како уште еден удар врз граѓаните во време кога цените и онака растат.
„Да беше за некој луксузен увоз, ќе разберев, ама ова се ситни нарачки, обичен народ си купува нешто мало за дома. Сега и тоа ќе стане луксуз“, коментира постар скопјанец.
А додека законските измени чекаат да поминат во Собранието, низ форумите и групите веќе се шират совети – да се нарача сега „додека не почне данокот“. Изгледа, новата трка не е за попустите на Тему, туку за последните евтини пратки без ДДВ.
Б.З.М.



