На последното рочиште, обвинетите Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи добија по три години казна затвор за создавање диви депонии на дел од локацијата во Вардариште.
Основниот кривичен суд, тројцата обвинети ги прогласи за виновни затоа што создале депонија спротивно од прописите, иако знаеле дека немаат дозвола согласно Законот за управување со отпад и немале основано правно лице за таква дејност.
-Без дозвола и документација за собирање, третман и складирање на отпад создавале диви депонии спротивно на прописите на Законот за животна средина, а со тоа предизвикале опасност на здравјето на луѓето и загадување на околината. Заради тоа се осудуваат на казна затвор по три години, гласеше пресудата.
Обвинетите Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи на последното рочиште признаа вина за стореното дело, но нивната одбрана тврдеше дека нема докази дека токму тие се одговорни за пожарите на депонијата.



