Организацијата на работодавачи спроведе истражување на тема социјалниот дијалог и работната сила во секторот за водоснабдување и канализација. Под лупа се ставени неколку клучни сегменти што ги засегаат вработените но и самиот сектор. Во истражувањето не е опфатена само Македонија, туку и Бугарија, Италија, Малта. Со тоа Организацијата смета дека се истакнува важноста на социјалниот дијалог за унапредување на условите за работа. Истражувањето е финансирано од Европската унија, а истото е спроведено во рамките на проектот Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни проекти.
Резултатите од истражиувањето покажуваат дека 69,3% од испитаниците во тој секторот водоснабдување и канализација во земјава сметаат дека социјалниот дијалог на секторско ниво придонесува кон подобрување на работните услови. Дополнително, 83,3% од анкетираните 149 вработени ја оценуваат ефективноста на социјалниот дијалог во своите компании како позитивна. Како клучни фактори за подобрување и привлекување на работната сила во секторите според истражувањето се висината на платата, работничките права и здравственатга заштита.
Истражувањето спроведено во рамките на проектот укажа на неколку критични аспекти кои треба да се адресираат за да се подобри состојбата со работната сила и да се зголеми атрактивноста на секторот – особено за младите луѓе.
„Најголем дел од испитаниците (100%) ја посочиле висината на платата како главен мотиватор за избор на работно место. Финансиската сигурност и соодветната награда за вложениот труд се основен предуслов за привлекување и задржување на кадар. Работничките права, личната мотивација и трендот на промена на работната сила се исто така издвоени како значајни фактори – при што 97% од учесниците оцениле дека секторот не е доволно атрактивен за младите. Ова укажува на потреба за сериозни инвестиции во подобрување на имиџот на секторот и создавање на услови за развој и напредок. Исто така, здравствената заштита и превенцијата, возраста и професионалното искуство се клучни елементи според 97% од испитаниците, кои нагласиле дека добрата грижа за вработените е директно поврзана со продуктивноста и стабилноста на работната сила“, стои во истражувањето.
Работниците се децидни, тие освен плата сакаат и квалитетните работни услови, како што се безбедноста на работното место, техничката опременост и организациската култура, се истакнати од 99% од учесниците како суштински за задоволство и посветеност на вработените. Дополнително, 96% од испитаниците укажале на важноста на интеграцијата на информациските технологии и вештачката интелигенција, справување со дискриминација, подобро организирање на работното време, како и потребата од програми за континуирано унапредување на професионалните вештини и дополнителни придобивки, дури и оние што не се предвидени во колективните договори.
Од Организацијата на Работодавачи велат дека ќе продолжат да работат на унапредување на социјалниот дијалог и поддршка на развојот на работната сила во секторот за водоснабдување и канализација, со цел обезбедување подобри услови за работа и стабилност на пазарот на труд. Организацијата на работодавачи нагласува дека социјалниот дијалог и колективното преговарање во Македонија се сеуште слабо користени алатки и покрај тоа што во голема мера ги спречуваат социјалните и синдикалните конфликти. Истражувањето спроведено во рамките на проектот укажа на неколку критични аспекти кои треба да се адресираат за да се подобри состојбата со работната сила и да се зголеми атрактивноста на секторот – особено за младите луѓе.
И.П



