ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ предупредува: Најголемиот проблем со вештачката интелигенција е што компаниите не ја...

ЕУ предупредува: Најголемиот проблем со вештачката интелигенција е што компаниите не ја користат

Европската Унија се соочува со нов предизвик кога станува збор за вештачката интелигенција (AI) – компаниите едноставно не ја користат доволно. Според стратегијата што Европската комисија ќе ја објави во среда, а Политико имаше увид во неа, целта е да се забрза примената на технологијата за AI во економијата со цел да се намали доминацијата на Соединетите Американски Држави во овој сектор.

Податоците покажуваат дека минатата година само 14 проценти од европските компании користеле AI во своето работење, што е далеку под светскиот просек. „Тоа не е одличен резултат“, призна Лусила Сиоли, директорка на Канцеларијата за вештачка интелигенција во Европската комисија.

Новата стратегија предвидува „целни мерки за поттикнување на употребата на AI во клучните сектори на економијата“. Планот опфаќа 11 индустрии, вклучувајќи производство, одбрана, здравство и мобилност, со предлози што вклучуваат развој на модели на AI за автономно возење, откривање лекови и апликација за дигитална продавница за земјоделци.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека секоја компанија „прво треба да постави секое ново деловно прашање – како вештачката интелигенција може да ни помогне?“

Во моментов, четири од десет големи европски фирми користат некаков вид технологија за вештачка интелигенција, додека соодносот меѓу малите бизниси е само еден од десет. За споредба, речиси 60 проценти од малите американски фирми веќе користат вештачка интелигенција, според Американската стопанска комора.

Иако инвестициите во вештачка интелигенција се попристапни за големите компании, пречките остануваат, пред сè, наоѓањето соодветни области за примена на технологијата. Полскиот министер за дигитални работи, Дариуш Стандерски, изјави дека „повеќе од 600.000 полски компании планираат да инвестираат во облак и вештачка интелигенција во следните шест до осум месеци“, додавајќи дека „парите не се главниот проблем, туку недостатокот на конкретни решенија прилагодени на индивидуалните деловни потреби“.

Стратегијата на ЕУ се стреми да го промени тоа. Предвиден е развој на „продавница за апликации за вештачка интелигенција“ за земјоделство, „канали за забрзување“ за роботика и производство и поддршка за креативните индустрии преку алатки за вештачка интелигенција за превод и производство на содржини.

Крајната цел, не е компаниите да ја користат вештачката интелигенција површно, туку да ја интегрираат во самата суштина на нивните производствени процеси. „Не е доволно само да го имате ChatGPT на вашата работна површина“, рече таа. „Вистинскиот успех ќе биде кога компаниите ќе го преобликуваат начинот на кој работат користејќи ја вештачката интелигенција како основна алатка за развој“, наведува Политико.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП