ПочетнаЕКОНОМИЈАМајсторите заминаа, ѕидовите останаа недоѕидани

Мајсторите заминаа, ѕидовите останаа недоѕидани

Во Македонија денес се чека по неколку недели, а понекогаш и со месеци, за да дојде мајстор.

Без разлика дали станува збор за електричар, водоводџија, гипсер, керамичар или молер – најдобрите одамна се во Германија, Швајцарија, Словенија или некаде каде што трудот им се плаќа.

„Нема веќе кој да работи“, ќе ви рече секој инвеститор, секој газда што гради или дури и домаќинка што само сака да поправи чешма. Мајсторите се претворија во најбараната „валута“ во државата.

Причината? Многу е едноставна, ама никој не сака гласно да ја признае – платите тука не вредат колку потта што ја вложуваат во својата професија.

Според податоците на градежните здруженија, на Македонија ѝ недостигаат повеќе од 20.000 квалификувани мајстори. Пазарот буквално е празен, а младите генерации – наместо да научат занает, запишуваат факултет, во потрага по „чиста работа“.

Парадоксално, оние што заминаа со алат во куферот сега заработуваат повеќе од оние со диплома и со костум.

„Порано имавме по десетина ученици што учеа занает. Сега едвај еден ќе се најде“, раскажува Драган, мајстор со три децении искуство во керамика. „Кога ќе дојде клиент и ќе ме праша колку е квадратот, се шокирам колку се чудат на цената. Ама кога ќе видат дека треба да чекаат по два месеци, тогаш им станува јасно – нема кој да им го заврши тоа“.

Мајсторите што останаа во земјава работат од утро до мрак, често без ден одмор.

Многумина од нив велат дека немаат време ни да ги завршат сопствените куќи, бидејќи секојдневно се повикуваат за туѓи.

„Дојдов до ситуација да одбивам работа, а тоа порано беше незамисливо“, вели Игор, електричар од Скопје. „Проблемот не е само во парите, туку во тоа што младите не сакаат да научат нешто со рацете. Сè се сведува на телефони и канцеларии“.

Од Агенцијата за вработување потврдуваат дека градежниот и услужниот сектор се меѓу најпогодените. Недостасуваат мајстори од сите профили, од столари и инсталатери, до автомеханичари и молери.

Некои фирми веќе почнаа да увезуваат работници од странство, претежно од Индија, Непал и од Бангладеш. Но тоа е само привремено решение, велат економистите.

„Мора да се врати достоинството на занаетчиството“, оценува еден експерт. „Тоа не се нискоквалификувани занимања, туку професии без кои економијата не може да функционира“.

Се поставува и прашањето – дали може нешто да се смени? Дел од решението е во средното стручно образование, кое со години беше запоставено. Некои училишта веќе воведуваат дуални програми, каде учениците дел од времето го минуваат на терен, во реални работни услови.

Но тоа е бавен процес, а потребата е итна. Компаниите нудат плати што пред неколку години беа незамисливи – и по 1.000 евра за добар мајстор. И покрај тоа, кандидатите се малкумина.

„Во Германија го плаќаат секој час, тука те прашуваат дали можеш ‘поевтино’“, забележува друг мајстор.

„Кога ќе се промени тој менталитет, можеби ќе се вратат некои од нас. Ама засега – само телефон ѕвони, работа колку сакаш, луѓе – нема“, вели нашиот соговорник.

И навистина, проблемот со мајсторите стана симптом на нешто подлабоко – на систем што не го вреднува трудот на човекот што создава со свои раце.

И додека Македонија чека нова генерација што ќе ги замени оние што заминаа, секој ден по некоа куќа останува недоѕидана, некоја чешма тече, некој ѕид стои полупоставен.

А прашањето останува исто – ако сите заминат, кој ќе остане да ги поправи работите?

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП