Сѐ повеќе луѓе денес ја мерат секоја потрошена паричка. Некои од нужда, други од навика што ја стекнале во време кога цените растеа побрзо од примањата.
Се менува начинот на кој граѓаните трошат – од луксуз и импулсивни купувања, кон строга рационалност и внимателно планирање.
„Нема веќе ‘ај ќе земам ова, ќе земам она’. Сега се мисли двапати и за леб“, раскажува Јасмина, самохрана мајка од Скопје, која со просечна плата едвај успева да го состави месецот.
Трговците потврдуваат дека во последната година порастот на цените ја променил потрошувачката слика. Намален е прометот кај артиклите што не се есенцијални, додека побарувачката за поевтини брендови расте.
„Потрошувачите станаа многу попаметни. Гледаат акции, споредуваат, купуваат помали пакувања. Луѓето не сакаат да изгледаат сиромашно, ама реално – многумина се на граница меѓу штедење и преживување“, вели менаџер на еден скопски маркет.
Од економските институти предупредуваат дека инфлацијата, иако статистички забавува, ја оставила долготрајната навика на „финансиска штедливост“.
Психолозите пак забележуваат дека штедењето кај некои луѓе прераснува во одбранбен механизам.
„Се создава колективен страв. Луѓето мислат дека секој нареден ден може да стане полош, па штедат дури и кога немаат од што да штедат“, објаснува социологот Љубица Маџовска.
На социјалните мрежи, се појавуваат цели групи посветени на „паметно трошење“.
Се разменуваат совети: како да се направи домашен сапун, како да се готви за цела недела со 500 денари, како да се користи повторно сè што може. За некои тоа е нов начин на живот, за други – горчлива нужност.
„Не можеш да се правиш дека е нормално, кога половина од платата ти оди за сметки. Јас порано купував кафе надвор секој ден, сега тоа ми е луксуз“, вели Игор, 35-годишен ИТ стручњак од Карпош.
Податоците покажуваат дека депозитите на граѓаните растат, но економистите предупредуваат дека тоа не значи дека сите штедат повеќе.
Дел од тој пораст доаѓа од мал дел население што и натаму има стабилни приходи, додека најголемиот дел од граѓаните практично живеат од месец за месец.
„Во економијата нема вистинска рамнотежа кога луѓето штедат не затоа што можат, туку затоа што се плашат“, појаснуваат економистите.
Еден дел од јавноста вели дека кризите ги направиле луѓето поодговорни кон парите. Друг дел гледа во тоа симптом на безнадежност – дека општеството станува затворено, осамено, без желба за уживање.
Во секој случај, навиките се променија. Дури и оние што имаат – не трошат како порано. Како да научивме нешто… или можеби само се навикнавме на помалку.
Б.З.М.



