ПочетнаЗДРАВЈЕКога душата боли, а никој не верува – зошто е срамотa да...

Кога душата боли, а никој не верува – зошто е срамотa да се оди на психијатар?

Сè уште кај нас важи она старото – „јас не сум луд за да одам кај психијатар“. Фраза што ја слушаме премногу често, и што на чуден начин ја држи во заложништво една цела генерација луѓе што молчат додека им гори под нозете.

Во земја во која е срам да плачеш, уште поголем срам е да побараш помош.

Иако бројките зборуваат поинаку – анксиозноста, депресијата и паничните напади се меѓу најчестите здравствени состојби во последните години, особено кај младите.

Но, тоа не се гледа на површина. Кај нас се учи дека „ќе помине“, дека „само си замислуваш“. И така поминуваат месеци, години… додека човекот не се скрши.

„Имав чувство дека ќе ме проголта темнината, а кога конечно се одлучив да одам кај психијатар, моите блиски ми рекоа – немој, ќе мислат дека си полудел“, раскажува 32-годишниот Горан од Скопје, кој по две години борба со анксиозност конечно побарал стручна помош.

Денес, вели, се чувствува стабилно.

„Психијатарот не ти ја зема душата, туку ти ја враќа. Но тоа мораш сам да го искусиш за да го разбереш“, додава тој.

Проблемот со предрасудите е длабок. Не само кај постарите генерации, туку и кај оние кои живеат на интернет.

„Кај нас психијатарот е сѐ уште табу. Луѓето мислат дека тоа е само за ‘лудите’. А вистината е дека повеќето пациенти се функционални луѓе, родители, професионалци, студенти“, вели Сања Љубеновиќ, психолог од Скопје.

Таа додава дека психичкото здравје е како секое друго – ако боли заб, одиш кај стоматолог, ако боли душата – одиш кај психијатар или кај психолог. Само што, кај нас, „душата не боли гласно“.

Во јавноста, се чини дека повеќе се прифаќа да кажеш дека одиш на фитнес отколку на терапија.

„Во САД и во многу европски држави, терапијата е дел од секојдневието. Кај нас, дури и кога некој оди, тоа го прави тајно, како да оди во некоја секта“, додава Љубеновиќ.

Според неа, најчестата реченица што ја слуша од младите е – „немам со кого да зборувам“. Тоа е реченица што сече. Зашто, не е важно дали некој има проблем, туку дали има со кого да го сподели.

Најстрашното е што многумина одат кај психијатар дури кога веќе немаат сила да станат од кревет. А во тие моменти, помошта е многу потешка.

„Секој ден гледаме пациенти кои доаѓаат со месеци неисплакани солзи. Ако тие луѓе побарале помош порано, ќе беа сосема добро“, објаснуваат експертите. „Но срамот, стравот што ќе каже комшијата, што ќе рече роднината… тоа ги држи заклучени“.

Во Македонија, има нешто во начинот на кој сме воспитани – да трпиме. Да не покажуваме слабост. Да не зборуваме за болка. И така, растат генерации што учат да молчат. Дури и кога се распаѓаат внатре. А можеби, ако отворено се зборуваше, многу од трагедиите што ги гледаме секојдневно немаше ни да се случат. Психијатарот не е непријател, туку сојузник во борбата со самиот себе. И тоа е вистината што треба да ја научиме.

Еден млад човек што побарал помош ни рече нешто што треба секој да го запамети: „Се срамев да одам кај психијатар, додека не сфатив дека вистинскиот срам е да живееш несреќен и да не направиш ништо во животот“.

И можеби токму тука е одговорот на прашањето зошто сè уште се срамиме – не од психијатарот, туку од тоа што ќе ни го покаже огледалото кога конечно ќе погледнеме во себе.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП