ПочетнаЕКОНОМИЈАКој ќе нѐ лекува утре?

Кој ќе нѐ лекува утре?

Кога младите лекари заминуваат од земјава, не заминуваат само дипломи и титули, туку заминуваат години вложено знаење, човечка топлина и еден вид невидлива сигурност дека ќе има кој да те прегледа кога ќе ти затропа на телото.

Македонија веќе подолго време ја живее оваа тивка криза, која не избива во насловите секој ден, ама полека ни ја вади душата.

Според податоците, секоја година по неколку стотини млади лекари бараат потврда за заминување во странство. Најмногу во Германија, Словенија, Хрватска, но и во скандинавските земји.

„Не заминав поради пари, барем не само поради тоа“, вели млад лекар кој сега работи во Минхен. „Тука имам услови да работам стручно, без да се грижам дали ќе ми снема материјали среде операција. И не морам да се расправам со пациенти кои со право се лути затоа што чекаат со месеци преглед“.

Тоа чувство на беспомошност го делат и неговите колеги што останале. Една докторка од Скопје, која не сака да ѝ се спомене името, вели дека „вистинската дијагноза на системот“ е хроничната незаинтересираност на властите.

„Сите зборуваат за здравство кога ќе треба некоја слика за кампања, ама кога ќе дојде време за нова опрема, за мотивација, за зголемување плати – мртва тишина. Па нормално дека младите ќе заминат. Што ќе чекаат?“

И така, болниците низ државата остануваат со сè помалку специјалисти. Во некои градови нема интернист или анестезиолог со полно работно време. И кога ќе се разболиш, можеш да слушнеш дека „тој доктор веќе е во Словенија, овој другиот си најде работа во Австрија“.

И така, секој си се снаоѓа како знае, а системот останува да дише на апарати.

Додека властите ветуваат „стратегии“ и „мерки за задржување кадар“, младите ја полнат интернет страницата на германската медицинска комора.

Таму, за неколку недели, добиваат работа, стан и чувство дека некој ги цени.

„Во Македонија те гледаат како потрошен материјал“, ни кажа лекар што неодамна се преселил во Љубљана. „А таму, шефот ми се извинува ако морам да дежурам двапати неделно“.

Колку и да звучи горко, сите соговорници велат дека љубовта кон професијата не исчезнала туку само се преселила.

„Ја сакам Македонија, ама љубовта не се јаде“, искрено признава медицинска сестра со 20 години стаж, која сега работи во клиника во Австрија.

Прашањето што останува отворено е – кој ќе нè лекува утре? Ако не се промени ништо, одговорот е прост: никој. Или оние што ќе останат, исцрпени и без волја, ќе се борат со празни ординации и дежурства што траат со денови. А државата… ќе продолжи да се прави дека проблемот е „во тек на решавање“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП