Граѓаните и бизнисите во РС Македонија од денеска ќе ги користат придобивките од приклучувањето на земјата кон СЕПА (Единствениот евро-платежен простор) регионот. Европскиот совет за плаќање има одобрено апликациите на 9 домашни банки во платежната шема за кредитни трансфери коишто се оперативни во СЕПА, додека останатите 3 банки се очекува да се приклучат до крајот на годината.
„Ова значи дека земјава практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија. Од членството во СЕПА се очекуваа бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Пред се се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

