„Stellantis“ намали речиси 10.000 работни места во Италија во последните четири години, а производството на возила, вклучувајќи комбиња и мали камиони, се намали за повеќе од половина од 2004-та година, соопшти синдикатот „Fiom-Cgil“.
Европската автомобилска група, која ги вклучува италијанските брендови „Fiat“, „Lancia“ и „Alfa Romeo“, значително ги намали своите операции во Италија во последните години, бидејќи „Stellantis“ мораше да се справи со пошироки предизвици во услови на електрификација и зголемена конкуренција од кинеските брендови.
Вработените на производителот на автомобили во Италија се намалија на 27.632 на крајот на 2024-та година од 37.288 на крајот на 2020-та година, а производството се намали од околу 1 милион единици на помалку од 480.000 возила помеѓу 2004-та и 2024-та година, според извештајот на синдикатот.
Во услови на послаба побарувачка за нови автомобили, „Stellantis“ продолжува да губи пазарен удел и во Италија и во Европа, при што пазарниот удел на групацијата во Италија падна под 30% минатата година, во споредба со над 35% пред две години.
„Ѕtellantis“ вети дека ќе го обнови производството во Италија со хибридна верзија на градскиот автомобил „Fiat 500“, која ќе се продава подоцна оваа година, а ќе се појави во историската фабрика „Mirafiori“ во Торино, родниот град на „Fiat“.
Групацијата минатата недела објави дека привремено ќе го запре производството во своите фабрики во Италија и Франција поради намалената побарувачка. Производителот на автомобили ќе престане да ги произведува автомобилите „Alfa Romeo Tonale“ и „Fiat Panda“ во Помиљано, Италија, од 29-ти септември.
„Оваа мерка има за цел да се постигне рамнотежа помеѓу потребниот производствен капацитет и реалната побарувачка, избегнувајќи прекини во производството и оптимизирајќи ја производствената структура на фабриката“, велат од „Ѕtellantis“.
Во летото, „Ѕtellantis“ изјави дека очекува повисоки приходи и оперативна добивка во ниски едноцифрени бројки во втората половина од годината и покрај растечките тешкотии. Производителот на автомобили се стреми кон постепено закрепнување по тешката прва половина.



