Светска банка не и предвидува оптимистичка економска перспектива на земјава во периодот што следи. До година и во 2027ма македонската економија според Светска Банка ќе испорача најнизок економски раст во однос на земјите од Западен Балкан.
Во однос на целиот регион, економскиот раст во Западен Балкан се очекува умерено да забрза во 2026 година и да закрепне до 2027, поддржан од зголемувањето на инвестициите и постепено опоравување на извозот.
Според најновиот извештај на Светска Банка, за да се одржи напредокот кон приближувањето до Европската Унија, регионот мора да се фокусира на отворање на квалитетни работни места.
Годинава македонската економија ќе испорача раст од 3,1 отсто што е подобра прогноза од онаа која ја добија Босна и Херцеговина со 2,6 и Србија со 2,8 отсто раст. Сите други држави имаат пооптимистички прогнози од оние кој Светска Банка ги има за нас. Загрижува тоа што во 2026 и 2027 година македонската економија е на самото дно во регионот.

Економскиот раст во Западен Балкан во 2025 година забави бидејќи инфлацијата предизвика намалување на потрошувачката, а зголемената несигурност ги ограничи трговијата и инвестициите и покрај постојаниот раст на платите и на кредитите. Фискалната политика, иако до некаде олабавена, и понатаму е дисциплинирана со дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија. Во извештајот на оваа меѓународна финансиска институција се наведува и дека просечниот регионален раст ќе изнесува 3 отсто во 2025 година што претставува намалување на проекцијата од 0,2 отсто од прогносите кои банката ги имаше на пролет.
„Западен Балкан напредува во намалувањето на развојниот јаз во однос на напредните економии на Европската Унија, но растот сепак не е доволен за да се затвори овој јаз. За да му се помогне на регионот, важно е да се преформулираат стратегиите за работни места – како што се охрабрувањето на поголемо учество на пазарот на труд, подобрувањето на вештините на населението и растот на фирмите преку дигитални надградби“, велат од Светска банка.
Според извештајот, Западен Балкан се соочува со парадокс на пазарот на труд: во одредени сектори опстојува недостигот на работна сила и покрај високите стапки на невработеност – над 10 проценти – и ниското учество во работната сила, што и понатаму е под 55 проценти, особено кај жените, младите и постарите возрасни лица.
„Демографските трендови ги влошуваат овие предизвици. Работоспособното население веќе е значително намалено и се проектира дека до 2050 година ќе се намали за скоро 20 проценти. Ако продолжат постојните трендови на населението, растот и пазарот на труд, регионот во следните пет години би можел да се соочи со недостиг на повеќе од 190.000 работници. За да го поттикне растот, регионот на Западен Балкан мора да инвестира во основна инфраструктура што е критична за отворањето работни места. Тоа опфаќа зајакнување на образовниот и на здравствениот систем и зголемување на учеството во работната сила – особено кај жените и младите. Инвестирањето во транспортната инфраструктура, животната средина и во енергетската инфраструктура ќе помогне побрзо и поефикасно да се поврзат фирмите и луѓето, а со тоа да се подобри продуктивноста“, се наведува во извештајот на СБ.
Дополнително, банката потенцира и дека зајакнувањето на управувањето и поддршката на политиките за поттикнување на приватниот сектор, заедно со предвидливото регулаторно опкружување, е неопходно за да му се овозможи на приватниот сектор да работи и да расте. Поттикнувањето на конкуренцијата во клучните сектори како што се енергетиката и транспортот, реформирањето на претпријатијата во државна сопственост, зајакнувањето на прописите и поддршката на иновативните стартапи ќе овозможат бизнисите да се шират и да го подобрат квалитетот на услугите. Мобилизирањето на приватниот капитал треба да ги поддржи бизнисите со финансирање, инвестиции, гаранции и осигурување, истовремено охрабрувајќи ги дигиталните и зелени надградби.
И.П



