ПочетнаЕКОНОМИЈАПоскапи пијалаци и храна, поевтини ноќевања: Што покажуваат најновите податоци за цените...

Поскапи пијалаци и храна, поевтини ноќевања: Што покажуваат најновите податоци за цените во угостителството?

Државниот завод за статистика ги објави податоците за септември. Иако цените се стабилни во однос на август, годишната споредба покажува дека за јадење и пиење во ресторан или кафуле сега плаќаме речиси 5% повеќе од лани.

Цените на угостителските услуги во септември се зголемени за 4.7% во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Главни двигатели на овој раст се значително повисоките цени на храната и алкохолните пијалаци.

Иако на месечно ниво речиси и да нема промени, односно цените останале стабилни во однос на август, годишната споредба ја покажува реалната слика за тоа колку подлабоко треба да се брцне во џебот за уживање во кафуле или ресторан.

ДЗС угостителство
*Извор Државен Завод за статистика

Алкохолот со најголем скок, храната веднаш зад него

Анализата на податоците по групи покажува дека најголем годишен раст бележат цените на алхолните пијалаци, кои во септември 2025 биле за дури 9.1% поскапи од септември 2024 година.

Веднаш зад нив е храната, каде е регистриран раст од 7.5%. Цените на безалкохолните пијалаци се зголемени за 6.1% на годишно ниво.

Практично, ако една сметка за храна и пијалаци во ресторан минатиот септември изнесувала 2.000 денари, според статистиката, истата таа сега би чинела околу 2.150 денари.

Изненадување кај ноќевањата – цените пониски од лани

Единствената категорија каде е забележан пад на цените се ноќевањата. Според ДЗС, услугите за сместување во септември биле за 6.5% поевтини во споредба со истиот месец во 2024 година. Ова најверојатно се должи на завршувањето на главната туристичка сезона и прилагодувањето на цените во хотелите и другите сместувачки капацитети.

Цените се стабилни на месечно ниво, но кумулативниот раст е над 5%.

Податоците покажуваат дека во однос на август 2025 година, цените се речиси непроменети. Единствено минимално зголемување од 0.1% има кај безалкохолните пијалаци.

Сепак, кога ќе се погледне целиот период од почетокот на годината, сликата е поинаква. Просечниот раст на цените на угостителските услуги во периодот јануари – септември 2025 година, во споредба со истиот период лани, изнесува 5.2%. Ова покажува дека инфлацискиот притисок бил константен во текот на целата година, иако во моментов се забележува стабилизација.

С.Б.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП