Зад романтичната слика на вредните раце и уникатните креации се крие сурова математика. Зголемените трошоци за материјали, струја и кирии ги принудуваат занаетчиите да ги зголемат цените, ставајќи ја на тест лојалноста на муштериите и одржливоста на бизнисот.
Пред седум месеци ја раскажавме приказната за македонските шивачки, чувари на еден благороден занает во ера на брза мода. Но, зад звукот на машината за шиење и шаренилото на конците, се крие една посурова реалност, а тоа е борбата за економско преживување во време на висока инфлација.
Љубовта кон занаетот е силна, но таа не ги плаќа сметките. За Љубица, 56-годишна шивачка од Битола, последните месеци биле вистински предизвик.
„Сè отиде нагоре. Струјата е речиси дупло, киријата за дуќанот ми ја покачија за 20%, а цената на еден метар квалитетен памучен материјал, што порано го набавував за 300 денари, сега е 500. Да не зборуваме за конци, патенти…“, раскажува Љубица. „Бев принудена да ги зголемам цените на услугите за околу 30%. Скратување панталони од 150 сега е 200 денари. За шиење фустан морам да наплатам повеќе. Некои долгогодишни муштерии со разбирање го прифатија тоа, но забележувам дека дел од нив веќе не доаѓаат.“
Оваа дилема го става на тест целиот занает. Клиентите сега се соочуваат со избор, дали да платат 1.500 денари за поправка и целосно реновирање на омиленото палто, или за 1.200 денари да купат ново од продавница, иако со послаб квалитет.
Според Занаетчиската комора, овој притисок е најголем за оние кои работат легално.
„Регистрираните занаетчии плаќаат даноци и придонеси. Кога оперативните трошоци ќе скокнат, тие се први на удар бидејќи нивната заработка директно се намалува“, вели еден претставник од комората. „Ова создава ризик многумина да се повлечат во сивата економија за да преживеат, но тоа не е долгорочно решение ниту за нив, ниту за државата. Занаетот е на маргините, а државата нема јасна стратегија како да ги поддржи овие микро-бизниси кои се дел од нашата традиција.“
Додека младата Јана од Велес се бори преку социјалните мрежи да најде клиенти кои ја ценат уникатноста, постарите генерации шивачки со страв гледаат кон иднината. Прашањето веќе не е само дали занаетот ќе опстои, туку дали од него воопшто ќе може да се живее.
С.Б.



