Она што започна како интерен проблем во транспортниот сектор, четири месеци подоцна се прелева во целата економија. Повисоките цени на транспортот, доцнењето на стоките и загрозениот извоз стануваат новото секојдневие.
Кризата со недостиг на професионални возачи, која летово го вклучи алармот кај транспортните компании, влегува во нова, далеку поопасна фаза, односно почнува директно да влијае врз стандардот на граѓаните и стабилноста на компаниите надвор од транспортниот сектор.
Иако е тешко да се утврди единствен процент, анализата на „Денар“ покажува дека финалната цена на транспортот од клучните европски пазари кон Македонија е значително зголемена. Овој раст е резултат на кумулативниот ефект од повеќе фактори: зголемените патарини низ ЕУ (во некои земји и до 40%), притисокот за повисоки плати на возачите поради хроничниот недостиг и нестабилните цени на горивото. Тоа е трошок кој увозниците веќе го префрлаат на финалните цени на производите.
„Ако до јуни за транспорт на еден шлепер со стока од Италија плаќавме околу 2.800 евра, денес истата услуга тешко се наоѓа под 3.500 евра, а често и повеќе. Превозниците едноставно немаат возачи и тие што ги имаат ги ценат „како злато“. Овој трошок мора некаде да се одрази, а тоа, за жал, се рафтовите во маркетите“, вели Горан, менаџер за набавка во голем ланец на маркети. Според него, производите како италијанските тестенини, маслиновото масло и конзервираната храна се први на удар.
Но, проблемот не е само во цената. Сè поголем предизвик станува и самата достапност на превоз, што директно го загрозува македонскиот извоз. Компаниите кои извезуваат земјоделски производи и текстил се соочуваат со кошмар во планирањето.
„Имаме договорени испораки за Германија и Холандија со прецизни рокови. Порано баравме најповолна цена за транспорт, а сега се молиме само да најдеме слободен камион, по која било цена“, раскажува сопственик на компанија за извоз на ајвар и конзервиран зеленчук од Струмица. „Нашите партнери во ЕУ имаат нула толеранција за доцнење. Еден или два пропуштени рока значат губење на договор вреден стотици илјади евра.“
Економските експерти предупредуваат дека ова е само почеток на една верижна реакција.
„Транспортот е крвотокот на економијата. Кога тој ќе забави и поскапи, страдаат сите – од производителот до крајниот потрошувач“, коментираат економските стручњаци. „Ова директно влијае на инфлацијата, но и на долгорочната конкурентност на македонските компании. Ако не можеме да гарантираме сигурна и навремена испорака, европските пазари многу брзо ќе најдат алтернатива од Србија, Албанија или Турција.“
Додека цените на производите полека растат, а извозниците стравуваат за своите договори, прашањето кое останува да лебди е дали државата има стратегија за спас на секторот кој очигледно е оставен сам на себе да се бори за опстанок?
С.Б.



