Некогаш земја со плодна почва, мирис на тутун и жито што се вее по Пелагонија, денес Македонија е речиси целосно зависна од увоз на храна.
Иако повеќе од една третина од територијата е обработливо земјиште, земјоделството тивко пропаѓа, а на полиците во маркетите доминираат производи од Србија, Грција, Албанија, Турција и дури од Полска.
Она што порано беше гордост на македонскиот селанец, денес е статистика со пад од година во година.
„Се сеќавам кога во нашето село се садеше сè – од пченица и пченка до домати и лубеници. Сега, ако има неколкумина што обработуваат нешто, тоа е чудо“, раскажува Трајко, земјоделец од битолско Ношпал, кој вели дека младите одамна го изгубиле интересот. „Не можеш да платиш нафта, семе и вода, а да очекуваш заработка. Увозот ти го убива пазарот“.
Проблемите се наталожени со години. Субвенциите доаѓаат доцна, пазарната регулација е слаба, а откупот е понижувачки.
Многумина велат дека земјоделството е препуштено само на себе. Ниту има гарантирани откупни цени, ниту постои јасен систем за заштита на домашното производство. Во вакви услови, странските производи ја освојуваат трпезата без отпор – бидејќи се поевтини, а често и визуелно попривлечни.
„Ние одамна не произведуваме за пазар, туку за опстанок“, вели една лозарка од Неготино. „Додека ние ги чекаме субвенциите од минатата година, на пазарот веќе има грчко грозје со пониска цена и подобра амбалажа. Како да се натпреваруваш со тоа?“
Државната статистика потврдува – увозот на храна расте од година во година. Според податоците, Македонија во 2024 година увезла земјоделски производи во вредност над 900 милиони евра, додека извозот е едвај половина од тоа.
Дури и производи што традиционално се сметаа за домашен бренд, како пиперката и доматот, сè почесто доаѓаат од странство.
На пазарите во Скопје, продавачите без срам признаваат: „Овие домати се од Албанија, овие краставици од Србија – домашни нема“.
Аграрните експерти предупредуваат дека Македонија ја губи својата прехранбена независност.
„Секоја држава која не може да си ја обезбеди сопствената храна, станува ранлива“, велат агроекономистите. „Проблемот не е само во тоа што не произведуваме доволно, туку што не создадовме услови да биде исплатливо. Земјоделецот не може да живее само од љубов кон земјата“.
На сето тоа се надоврзува и климатската криза: суши, поплави, град, промени во температурите кои ги уништуваат родовите. Со години се зборува за модернизација на наводнителните системи, но повеќето остануваат во состојба на распаѓање. Младите, наместо на нива, заминуваат во странство. Селата се празнат, земјата останува необработена.
„Македонија ја изгуби врската со земјата“, вели еден агроном што работи во Тиквешко. „Имавме традиција, знаење, семејни имоти што се пренесуваа со генерации. Сега, тие истите ниви се дадени под наем или стојат запуштени. Увозот е само последица на тоа што се откажавме од себе“.
Сликата е парадоксална: земја со речиси идеална почва и клима, со вековна традиција во земјоделството, станува зависна од храна која патува илјадници километри.
Додека државата дискутира стратегии на хартија, пазарите се полнат со туѓо млеко, туѓи јајца и туѓи јаболка. А домашните производители – тие тивко исчезнуваат, еден по еден.
Можеби најтажно од сè е што повеќето веќе и не се лутат. Само креваат раменици, како да се помириле со судбината. Како да сфатиле дека оваа земја, некогаш плодна и горда, полека се претвора во земја што јаде туѓо, и живее од надеж дека еден ден… можеби ќе се врати на своето.
Б.З.М.



