ПочетнаЕКОНОМИЈАБез носење на Законот за избор на раководни кадри и оваа најавена...

Без носење на Законот за избор на раководни кадри и оваа најавена реформа во администрацијата ќе биде неуспешна!

Во последниве десетина години најавената реформа во администрацијата е шеста. Како се менува и доаѓа нов министер надлежен за јавната администрација така тој излегува во јавноста со свој план, со свои идеи за иднината на вработените во управата, во државните институции, министерствата, правосудните органи, локалните самоуправи и останатите сектори кои се под државна капа.

Истото продолжи и со оваа влада, сега актуелниот министер за администрација Горан Минчев најави пакет законски решенија кои како што изјави ќе ја департизираат администрацијата и повеќе нема да може да се вработуваат партиски кадри. Од УПОЗ велат дека смачено им е да ги слушаат ваквите планови бидејќи додаваат дека речиси идентични такви закони се заглавени во процедури или се заклучени во некоја од фиоките од неговите претходници, бидејќи таквите решенија не им одговааат на политичките партии.

Кога се зборува за вработени во администрација мора да се прави разлика со вработените во јавниот сектор, администрацијата се вработените во локалните самоуправи, правосудните органи, управата итн, и се на број околу 15 илјади а останатите до 128 илјади се војската, полицијата, здравствените работници, образовниот персонал и слично, тие се јавен сектор, велат од УПОЗ. Тоа што е интересно додаваат синдикалците е дека надлежните засега не прецизираа кој дел од вработените ќе бидат опфатени со најавената реформа.

„Оваа реформа почна со носење на два закони, едниот – закон за административни службеници, и закон за вработени во јавен сектор. И сега ќе кажеме дека ние секоја реформа ја почнуваме обратно. Неможе вие да направите вакви закони а не реформа во високата раководна служба, а таквиот закон го чекаме од 2019 кога беше најавен. Како доаѓаше нова влада тој закон го чуваше во фиока за да може да си вработуваат партиски кадри на раководни функции, како директори, државни секретари, генерални и секретари. Додека не се донесе тој закон со кого раководните кадри ќе се бираат на транспарентен начин по Мерит системот не треба да се зборува за никава реформа. За да почнеме ние реформа во администрацијата мора кадрите што ќе ги водат институциите да бидат независни, без партиска позадина, со добро образование, со добро искуство кое го стекнале во самата институција која допрва треба да ја водат“, велат од УПОЗ.

А од ресорното министерство се на став дека новиот сет законски мерки ќе резултира со департизација, едукација и рационализација на вработените во јавниот сектор. Тоа се и дел од реформите што ги бара Европската Унија. Министерот Минчев вели, партизацијата, пријателските и роднинските вработувања изминатите 30 години ја довеле администрацијата во состојба да биде нефункционална, гломазна, бавна и неефикасна.

„Следи една општа функционалност односно спојување на одредени институции во други со кои што практично ќе влеземе во еден процес кој што ни е обврска од Европската унија, а тоа е кратење на 40 проценти на буџетските корисници. Сведоци сме дека имаме голем број на институции кои што имаат по еден, по два вработени или пак да кажам дека тие во минатото се направени за да задоволат некои политички или партиски потреби“, изјави Минчев.

Достапните и официјални податоци велат дека во послените два месеци пред локалните избори годинава беа распишани неколку стотини огласи за вработување под државна капа. Информациите од терен велат дека се вработувало во институции каде што немало никаква потреба од нивен ангажман. Во исто време, во голем дел од администрацијата има недостаток на кадар каде еден вработен мора да работи за тројца за да биде завршена работата, но секако тоа не се позиции кои се атрактивни за вработување особено не пред избори.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП