ПочетнаЕКОНОМИЈАБорба за секој келнер - Македонија ја губи трката со Хрватска и...

Борба за секој келнер – Македонија ја губи трката со Хрватска и со Грција

Хотелиерско-угостителскиот сектор на Балканот, а особено во Македонија, одамна се соочува со сериозни проблеми. Недостигот од работна сила, слабата инфраструктура, сезонскиот карактер на приходите и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на пазарот создадоа една тивка, но опасна криза која го гуши развојот на туризмот.

„Ако пред десет години беше тешко да се најде добар келнер, денес е речиси невозможно да најдеш било каков“, вели угостител со долгогодишно искуство од Скопје. „Сите заминуваат во странство, а младите не сакаат ни да чујат за оваа работа“.

Податоците ја потврдуваат сликата. Во регионот, бројот на вработени во угостителството опаднал за повеќе од 15 проценти во последните пет години, а во некои земји како Црна Гора и Албанија, дефицитот е уште поголем.

Македонија не е исклучок: според проценките на угостителските комори, недостасуваат најмалку 8.000 до 10.000 работници во различни сегменти – од шанкери и келнери, до готвачи, рецепционери и собарки.

„Тоа не се луѓе што можеш да ги најдеш преку оглас за една недела. Треба искуство, треба посветеност, а ние немаме време да ги обучуваме кога сезоната трае три месеци“, додава еден менаџер на хотел во јужна Македонија.

Парадоксално, токму секторот што би требало да биде двигател на економијата во летните месеци страда од најосновни услови.

Платите во угостителството се движат меѓу 25.000 и 35.000 денари, со што не можат да конкурираат на соседните земји.

Во Хрватска, на пример, келнер во сезона заработува над 1.000 евра месечно, додека во Грција и Бугарија се нудат и до 1.200 евра, плус сместување и храна.

Разликата е доволна за да ја исцеди секоја надеж кај младите дека тука може да се гради кариера.

„Ние едноставно не можеме да ги задржиме луѓето. За истиот труд таму добиваат двојно повеќе, а имаат и услови, стабилност и сигурност“, објаснува претставник од туристичка агенција.

Од друга страна, проблемот не е само во кадарот. Туризмот бара патишта, железници, авионски линии и уредени туристички зони.
А Македонија, според многумина, тука заостанува.

„Можете да имате најубаво езеро, но ако до него се стигнува со дупки и без јавен превоз, тоа не е туризам, тоа е авантура“, саркастично додава друг угостител.

Според државните податоци, 40 проценти од хотелските капацитети во земјата се концентрирани во само три општини, додека руралните подрачја остануваат практично празни.

Туризмот се развива спорадично, без координација, без заедничка визија.

Експертите предупредуваат дека ако не се воведе системско решение, земјата ќе остане без луѓе кои знаат да ја одржат услужната економија.

Едно од можните решенија е увоз на работна сила – што веќе го прават земјите во регионот. Хрватска годинава издаде повеќе од 170.000 дозволи за странски сезонски работници, најмногу од Босна, Србија и од Филипините.

Црна Гора очекува околу 15.000 странски работници ова лето. Македонија сè уште нема конкретен модел, но угостителите бараат да се размислува во таа насока.

„Подобро е да имаме странски келнер отколку празна тераса“, брифираат соговорници од комората.

Друг проблем е образованието. Повеќето средни угостителски училишта функционираат со застарени програми, а младите често не можат да стекнат реално искуство.

„Имаме добри деца, но без пракса. Ако не ја почувствуваш масата, ако не знаеш што е да стоиш на нозе осум часа, џабе дипломата“, коментира шеф на кујна во еден хотел во Охрид.

Тој додава дека се потребни државни субвенции за дуално образование – модел во кој учениците паралелно учат и работат.

Исто така, експертите предупредуваат дека мора да се подобри имиџот на професијата.

„Во Македонија, угостителството често се гледа како нешто привремено, нешто за додатна заработка. Во Европа тоа е чест професионален избор со перспектива“, вели економскиот аналитичар Бојан Краљев.

Според него, државата треба да креира програми што ќе го стимулираат останувањето во секторот – преку подобри услови, осигурување, обуки и можности за напредување.

Хотелиерите веќе ја упатиле пораката: нема туризам без луѓе, нема економија без инфраструктура.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП