ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонските компании забрзано се задолжуваат: Економија на стероиди или темпирана бомба?

Македонските компании забрзано се задолжуваат: Економија на стероиди или темпирана бомба?

Корпоративниот сектор во Македонија влезе во циклус на агресивно задолжување во текот на 2024 година, со годишен раст на долгот од 13,1 отсто, што е речиси двојно повисока стапка во споредба со 2023 година, покажуваат најновите податоци од Извештајот за финансиска стабилност на Народната Банка.

Овој тренд, иако ја одразува зголемената побарувачка за инвестиции и економски оптимизам, истовремено отвора сериозни прашања за одржливоста и потенцијалните ризици со кои се соочува домашната економија.

Убедливо најзадолжени остануваат компаниите од индустријата и трговијата, кои заедно носат товар од над 2,8 милијарди евра. Индустрискиот сектор води со долг од 1,41 милијарди евра, додека секторот за трговија, транспорт и угостителство го следи во чекор со задолженост од 1,40 милијарди евра.

Забрзаниот раст на долговите го зголеми учеството на корпоративниот долг во бруто-домашниот производ (БДП) на 70,7 проценти, со што го надмина десетгодишниот просек. Според податоците на Народната Банка, клучен двигател на овој раст е надворешниот долг, којшто растел речиси двојно побрзо од претходната година и учествувал со околу 60 проценти во вкупното годишно зголемување.

Сепак, и домашните банки одиграа значајна улога, обезбедувајќи силна кредитна поддршка. Олеснетите кредитни услови, поттикнати од зголемената побарувачка на фирмите за инвестиции во основни средства и обртен капитал, го забрзаа кредитирањето со динамика слична на онаа пред петнаесетина години. Се очекува овој тренд да продолжи и во 2025 година, особено со пласманот на унгарската кредитна линија од 250 милиони евра, наменета токму за корпоративниот сектор.

Светла точка во целиот извештај е значителното намалување на кредитниот ризик. Нивото на нефункционални кредити се намалило за 12,4 отсто, со што нивната стапка падна на солидни 2,8 проценти. Ова покажува дека, барем засега, компаниите успешно се справуваат со отплатата на своите обврски, најмногу поради задолжителните отписи, но и солидната наплата.

„Зад овие позитивни бројки се крие тивок, но сериозен ризик. Речиси две третини или 61,9% од долгот на компаниите кон домашните банки е со променлива или приспособлива каматна стапка. Ова ги прави компаниите исклучително чувствителни на идни промени на каматните стапки. Евентуален раст на каматите би значел директно зголемување на товарот за отплата, што може да ја загрози ликвидноста на голем дел од корпоративниот сектор.“ вели банкарскиот советник Бранко Стојкоски за Денар.

Заклучокот е дека македонската економија се наоѓа во деликатна фаза. Од една страна, кредитниот бум ги подгрева инвестициите и растот, но од друга, забрзаното задолжување и високата изложеност на каматен ризик создаваат потенцијална ранливост.

Прашањето е дали овој долг ќе се претвори во одржлив развој или ќе стане товар доколку дојде до промена на економските ветрови.

С.А.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП