Растот на цените на становите во земјава продолжува и во третиот квартал од годинава. Според податоците од Народната банка, во третиот квартал, недвижностите поскапеле за 25,1 отсто, што е 4 проценти на месечна основа.
И покрај тоа што трошоците во градежништвото паѓаат за првпат после неколку години – цените за метар квадратен растат, но цените на становите се имуни на ваквите движења, што придонесува кон зголемување на маржите во градежниот сектор, констатираат од Народната банка во последниот извештај за финансиската стабилност на Македонија за 2024 година.
„Вкупните трошоци за изградба на нови станбени згради во 2024 година опаднаа за 7,2 проценти на годишна основа, наспроти растот од 9,4 проценти во претходната година. Главен чинител на падот се значително пониските материјални трошоци, за 10,5 проценти, при стабилен пад во сите четири тримесечја. Придонес во падот на материјалните трошоци има и пониската постигната цена на истргуваното градежно земјиште за 9,5 проценти, по високиот пад од 32,7 проценти во 2023 година“, напишаа од Народната банка.
Минатиот месец за прв пат и Агенцијата за катастар на недвижности го објави регистарот на цени и закупи кои се однесуваат на вториот квартал од годината. Според тие податоци, најскапиот стан продаден во државата во периодот од 1 април до 30 јуни е во скопски Центар. Квадратен метар за тој стан чини околу 2.700 евра, односно за стан од 96 квадрати платени се 260.000 евра. Просечната цена на метар квадратен е највисока во Центар и изнесува околу 1600 евра. Најевтин е квадратот во Струмица каде се продаваат најевтините станови, со просечна цена од околу 600 евра.
Во вториот квартал од 2025 година има намален број на продадени станови во споредба со првиот квартал, односно реализирани се 676 купопродажни договори за нови станови, што е за помалку за 178 станови во споредба со бројот на договори во првиот квартал годинава.
Исто така е важен моментот дека на крајот на годинава истекува и мерката со која становите се продаваат со данок на додадена вредност од 5 проценти. Од Министерството за финансии сè уште не излегоа со став дали од јануари 2026 година становите ќе се продаваат со повластена стапка на ДДВ или таа ќе се врати на нивото од 18 проценти како пред 15 години.
Градежниот сектор во врска со можното зголемување на ДДВ-то вели дека ќе падне на товар на купувачите, што значи дека цените на недвижнините дополнително ќе се зголемат. Со тоа ќе купувањето на стан за младите ќе стане сериозен предизвик. Во регионот, каде шти стапките на ДДВ за недвижности се повисоки отколку во Македонија, за оние кои купуваат стан за првпат, владата обезбедува поврат на ДДВ.
С.Б.



