Рајан Рослански, извршен директор на LinkedIn и потпретседател на Microsoft, вели дека во светот на работа управуван од вештачка интелигенција, оние кои се подготвени да учат и да се адаптираат ќе имаат предност, а не оние со најскапи дипломи.
Зборувајќи на настанот „AI in Work Day“ во седиштето на LinkedIn во Сан Франциско, Рослански истакна дека влегуваме во ера каде што компаниите повеќе не бараат само формални дипломи од престижни универзитети. Наместо тоа, иднината им припаѓа на кандидатите кои се прилагодливи, отворени за нови технологии и подготвени да учат.
– Моето мислење е дека иднината на работата повеќе нема да им припаѓа на луѓето со најфенси дипломи, туку на оние кои се прилагодливи, подготвени да учат и да ги прифатат овие алатки. Тоа отвора простор за сите на начин што никогаш порано не сме го виделе – рече Рослански.
Според него, четирите клучни квалитети што ќе донесат предност на пазарот на трудот се:
- писменост во користењето на вештачката интелигенција
- прилагодливост
- подготвеност за постојано учење и напредување
- човечки вештини како што се емпатија и комуникација
Податоците од LinkedIn покажуваат дека бројот на огласи за работа во кои се бара познавање на алатките за вештачка интелигенција е зголемен за дури 70 проценти во споредба со минатата година. Анкета на Microsoft од 2024 година покажа дека 71% од работодавците би избрале кандидат со вештини за вештачка интелигенција дури и ако имаат помалку искуство од конкурентот без тие вештини.
Човечките вештини не ја губат својата важност
Рослански верува дека вештачката интелигенција нема да ги замени луѓето, но оние кои знаат како да ги користат новите технологии ќе имаат предност. Сепак, тој нагласува дека емпатијата, комуникацијата и меѓучовечките вештини ќе останат клучни за успех.
– Верувам дека човечката компонента во сето ова ќе биде тајното оружје на повеќето луѓе. Не заборавајте на човечките вештини, тие се уште се клучни за успех во која било област – рече Рослански.
Карин Кимбро, главен економист на LinkedIn, додаде дека „прилагодливоста е новата валута“ на пазарот на трудот, бидејќи вештачката интелигенција веќе ги менува не само работните места што ги работиме, туку и вештините што ни се потребни за нашите кариери во иднина.



