Европската Унија планира да додаде уште 120 бродови во својот нов пакет санкции, за кои се тврди дека се вклучени во транспортот на руски енергетски ресурси, објавува денес порталот „ЕУ Обсервер“.
Според интерни документи до кои дојде бриселскиот портал, како дел од 19-тиот пакет санкции, ЕУ има намера да стави на црната листа уште 120 танкери за нафта, кои наводно се поврзани со Русија, што би го зголемило вкупниот број на бродови на таа листа на 568.
ЕУ, исто така, ја подготвува правната основа за задржување на најмалку 16 „сомнителни танкери за нафта“ без знаме, доколку во иднина влезат во Балтичкото Море.
Во документите се наведува дека меѓу нив се бродовите „Адонија“, „Апате“, „Апус“, „Акила II“, „Бола“, „Брионт“, „Етера“, „Евердин“, „Леона“, „Манаслу“, „Мира“, „Немрут“, „Омни-Евали“, „Самос“, „Тагор“ и „Тасос“.
На санкционираните танкери ќе им биде забрането да влегуваат во пристаништата на ЕУ или да работат со европски фирми, како што се осигурителни компании или даватели на услуги за гориво.



