ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде во Европа индустриските цени растат најмногу?

Каде во Европа индустриските цени растат најмногу?

Во септември, трошоците за производство на стоки станаа за 0,2% поскапи на годишно ниво во еврозоната и за 0,4% поскапи низ целата Европска Унија (ЕУ), според податоците на Евростат, цитирани од „Euronews“.

Бугарија забележа најголем годишен пораст на цените од 10,7%, по што следуваат Данска (4,5%) и Романија (2,5%).

Во исто време, цените паднаа во неколку земји, вклучувајќи ја Естонија (6,1%), Луксембург (4,5%), Португалија (3,6%) и Литванија (3,1%). Во однос на поединечните сектори, индустриските цени на производителите се намалија за 1,1% за енергијата и за 0,1% за интермедијарните производи.

Спротивно на тоа, секторите за нетрајни производи како што се храната, пијалоците и козметиката забележаа зголемување од 2,2%. Значително зголемување беше забележано и кај трајните потрошувачки добра како што се паметните телефони (1,6%).

Индексот на индустриските цени на производителите се пресметува по основни цени, без ДДВ и други даноци. Бидејќи често претходи на движењата на финалните потрошувачки цени, индексот е широко користен во формирањето на фискалната и монетарната политика во ЕУ.

Помеѓу 2015-та и 2020-та година, индустриските цени на производителите останаа релативно стабилни, но, Ковид-19 го наруши овој тренд.

За време на првиот бран на пандемијата, цените паднаа за речиси 4% за само три месеци (февруари-мај 2020 година) – пад што Евростат го опишува како „извонреден“, иако помал од оној за време на глобалната финансиска криза од 2008-09 година. Од мај 2020-та до септември 2022-ра година, цените нагло пораснаа за речиси две третини.

Потоа, помеѓу септември 2022-ра и јули 2023-та година, тие повторно паднаа – „скоро исто толку динамично колку што се зголемија“, соопшти Евростат. Од средината на 2023-та година, цените се стабилизираа во споредба со острите флуктуации од претходните години, но остануваат на „историски високи нивоа“, забележа статистичкиот завод.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП