„OpenAI“ склучи договор што ќе им помогне на вработените да продадат акции во компанијата со проценка од 500 милијарди долари. Тоа го катапултираше развивачот на „ChatGPT“ над „SpaceX“ на Елон Маск, правејќи го највреден стартап во светот, објави „Bloomberg“.
Сегашните и поранешните вработени во „OpenAI“ продадоа акции во вредност од околу 6,6 милијарди долари на инвеститори, вклучувајќи ги „Thrive Capital“, „SoftBank Group“, „Dragoneer Investment Group“, „MGX“ од Абу Даби и „T. Rowe Price“, според лице запознаено со ова прашање. Тоа ја зголеми проценката на американската компанија далеку над претходната проценка од 300 милијарди долари во рунда на финансирање предводена од „SoftBank“ претходно оваа година.
Брзиот раст ја нагласува еуфоријата на инвеститорите околу технолошките лидери со потенцијал да ги трансформираат глобалните индустрии и економии. „OpenAI“ на Сем Алтман е една од неколкуте компании, вклучувајќи ја и „Nvidia“, кои предводат меѓународен напор за изградба на центри за податоци и развој на услуги за вештачка интелигенција (AI). Се очекува потфатот да чини трилиони долари. Иако сè уште не остварил профит, американскиот стартап помага во поттикнувањето на инфраструктурниот бум со склучување огромни договори со компании како „Oracle“ и „SK Hynix“.
Претставниците на „Thrive Capital“, „Dragoneer“, „MGX“ и „T. Rowe Price“ не одговорија веднаш на барањата за коментар. Портпаролите на „OpenAI“ и „SoftBank“ одбија да коментираат.
Договорот го вреднува „OpenAI“ над проценката на „SpaceX“ од 400 милијарди долари. Достигнувањето се совпаѓа со клучен момент за компанијата, која е во преговори со „Microsoft“ да се трансформира во по традиционална компанија со профит. Фирмата е основана во 2015-та година како непрофитна организација посветена на унапредување на дигиталната интелигенција „на начин што најверојатно ќе му користи на човештвото како целина“. Планираните промени ќе ѝ дадат на непрофитната „OpenAI“ контрола врз нова корпорација од јавен интерес.
И Алтман и Маск, кои се ко-основачи на „OpenAI“, зборуваа за потенцијалниот егзистенцијален ризик за луѓето што го претставува вештачката интелигенција. Сепак, оттогаш имаа некои несогласувања. Маск ја тужеше „OpenAI“ во обид да ја запре нејзината трансформација, обвинувајќи ја дека ги напуштила ветувањата што му ги дала кога помогнал во основањето на непрофитната организација. Тој тврди дека компанијата се откажала од својата првична намена кога прифатила милијарди долари финансирање од „Microsoft“ во 2019-та година, една година откако тој го напуштил одборот на „OpenAI“.



