Сè уште не се собрани ни тутунот, ни грозјето, ни последните пиперки за ајвар, а земјоделците низ земјава веќе гледаат во небото – со трепет и со страв.
Обилните дождови, првиот октомвриски снег и продолжениот пад на температурите најавуваат тежок месец за оние што останаа на нивите.
Наместо во редовите меѓу насадите, дел од производителите веќе седат дома – беспомошно.
„Сè ни отиде под вода. Тутунот е влажен, грозјето почнува да гние, а не можеш ни да влезеш со трактор на нивата“, раскажува Љупчо, земјоделец од Неготино, кој секоја година во овој период собира по неколку тони грозје.
На пазарите цените веќе се менуваат, а купувачите не знаат што да очекуваат.
„Пиперката ќе ја снемува, а што ќе има, ќе биде скапо. Сланата ако ја фати, тоа е крај – ни за во ѓувеџ не е добра“, објаснува една продавачка од Прилеп, која од година во година го гледа истото сценарио, но никогаш вака рано.
Стравот од утринска слана ги тера земјоделците да ги собираат и незрелите плодови, само да ги спасат од пропаст.
Но, некои култури нема спас. Домати, краставици и зелки на отворено веќе покажуваат оштетувања од студот, а прогласениот пад на температурите под нулата може целосно да ги уништи.
Метеоролозите предупредуваат дека наредните денови ќе бидат клучни. Ако ноќите останат студени, ќе страдаат и доцните сорти јаболка во Преспа и Ресен, токму кога бербата требаше да биде во полн ек.
„Не можеме ни да ги собереме, ни да ги чуваме. Ладилниците се полни, а откуп нема. Со дожд и снег не можеш ни да ги натовариш“, велат овоштарите, кои овој октомври ќе го паметат по кал, влажност и тишина.
Од Министерството за земјоделство засега без конкретна проценка на штетите.
Во некои делови на земјата, особено во Полошко и во Битолско, дождот донесе барем нешто добро – ќе овозможи подобра подготовка на земјата за есенската сеидба.
„Само тоа е добредојдено. За останатото, сè е загуба“, додава сточар од Долнени, кој вели дека тревата барем ќе никне, ама колку ќе вреди тоа кога нема да има со што да се плаќаат сметки за струја…
Октомври требаше да биде месец на жетва и радост, а станува месец на немоќ и тивко предавање. Се чини дека оваа есен, повеќе од било која претходна, ќе ја поминеме гледајќи во небо и броејќи ги изгубените денови.
Б.З.М.



