Цената на говедското месо станува синоним за шок во месарниците. Ако пред само неколку години килограм првокласно говедско можеше да се најде за околу 600 денари, денес речиси и да нема тезга или маркет каде што не е најмалку 1.200 денари.
„Секој ден праќаат нови ценовници од увозниците. Буквално секоја недела расте цената. Ние само го следиме тоа, не можеме да продаваме по стара цена, ќе работиме со загуба“, вели за „Денар“ сопственик на една скопска месарница.
Тој додава дека голем дел од говедското што се продава на домашниот пазар доаѓа од земји како Полска, Холандија и Германија, а токму таму, според последните информации, цените достигнуваат и до 50 евра за килограм – нешто што пред неколку години изгледаше невозможно.
„Ако таму плаќаат толку, што очекуваме ние? Да купуваат по европски цени, а да продаваат по наши?“, додава нашиот соговорник.
Домашните сточари, пак, со години предупредуваат дека државата ги оставила сами да се борат. Ниту доволно субвенции, ниту сигурен пласман, а за скапиот концентрат и ветеринарните услуги никој не сака ни да зборува.
„Имаме говеда што се хранат со сено од нашата нива, ама кога ќе дојде време да продадеме, цената ја диктира увозот. И така секоја година. Ако нема поддршка, сите ќе ги продадеме, никој нема да чува“, раскажува земјоделец од прилепскиот крај.
Состојбата дополнително се влошува со болестите кај животните, кои се шират брзо, а државните служби често реагираат доцна.
Дел од сточарите дури велат дека годинава изгубиле дел од стадата поради слаба заштита и недоволно контроли.
„Кога ќе дојде инспекторот, веќе е доцна. Болеста оди побрзо од администрацијата“, вели еден од нив.
Трговците предупредуваат дека најлошото можеби допрва доаѓа. Ако трендот на раст на европските цени продолжи, домашниот пазар ќе мора да се прилагоди.
Тоа значи дека говедското лесно може да стигне и до 1.400 или 1.500 денари за килограм.
„Ако се зголеми уште еднаш набавната цена, ние немаме маневарски простор. Ќе мора да поскапи. А кога месото поскапува, се крева и сè друго — колбаси, сувомесни, готови јадења…“, објаснува месар од Битола.
Потрошувачите, пак, сè повеќе се откажуваат од говедско, барајќи поевтини алтернативи – свинско, пилешко или мешано месо.
Во месарниците коментарите се слични: луѓето прашуваат, гледаат, а потоа си заминуваат со помалку од што планирале.
„Порано земав по два килограма месо за чорба, сега земам половина килограм. Што да правам, со две плати не се стигнува“, ни раскажува една пензионерка во редица пред маркет.
И додека на европските пазари цените се зголемуваат поради намаленото производство и повисоките трошоци за сточна храна, кај нас тоа се претвора во целосен удар по куповната моќ.
Никој не се осмелува да каже кога ќе запре спиралата.
„Сè додека не се среди сточарството дома, ќе зависиме од туѓите пазари. А тие не прашуваат дали можеме да платиме“, коментира еден од трговците.
На крајот, останува впечатокот дека говедското месо во Македонија веќе одамна не е секојдневен производ, туку луксуз.
Б.З.М.



