ПочетнаЕКОНОМИЈАУтрово радијаторите беа топли, грејната сезона започна порано

Утрово радијаторите беа топли, грејната сезона започна порано

Денеска жителите на Скопје се разбудија со топли радијатори.

„ЕСМ снабдување со топлина“ вчера ја информираше јавноста дека поради заладување на времето поради пад на температурите грејната сезона ќе започне од 2 октомври 2025 година за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје.

Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но согласно регулативата може да почне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С.

Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска е прогнозирана средна надворешна температура од 10˚С со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ. Исто така, сè до 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.

-Навременото снабдување со топлинска енергија е клучно за комфорот на нашите потрошувачи. Затоа повторно апелираме до сите корисници да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации бидејќи редовното одржување е нивна обврска и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, се вели во соопштението.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП