Онлајн купувањето веќе одамна не е луксуз, туку навика што се вовлече во секојдневието на илјадници Македонци. Од облека и технички уреди, до козметика, алат, па дури и прехранбени производи – сè може да се нарача со неколку кликови.
Особено последниве години, кога на пазарот се појавија евтините кинески апликации како Тему, кои буквално го „заразуваат“ купувачот со бескрајни попусти и бесплатна достава.
„Нарачав една ситница за проба, а сега не можам да престанам. Секојпат кога ќе ми стигне пакет, имам чувство како сам да сум си купил подарок“, вели со насмевка 34-годишната Ана од Скопје, која признава дека секој месец троши по неколку илјади денари преку интернет.
Официјалните податоци покажуваат дека електронската трговија во земјава во последните пет години бележи раст од повеќе од 200 проценти.
Само во 2024 година, Македонците потрошиле над 500 милиони евра онлајн, најмногу преку странски платформи. Пазарот е во постојана експанзија, а младите генерации, кои растат со телефони во рака, се најголемите двигатели.
„Дигиталната трговија е реалност од која нема враќање назад“, вели економистот Ведран Кузмановски. „Но треба да се научиме да купуваме паметно, а не импулсивно. Многу луѓе нарачаа нешта што никогаш не ги искористија, само затоа што делуваа евтино“.
Токму тој психолошки момент – чувството дека нешто добиваш „за џабе“ – го користат платформите како Тему.
Со нотификации, купони и мини-игри, ја држат публиката постојано активна, во состојба на очекување. Секој следен пакет делува како награда.
„Ова не е случајност. Овие апликации користат алгоритми што го предвидуваат човечкото однесување“, објаснуваат експерти за дигитален маркетинг. „Секојпат кога ќе кликнеш на производ, системот те анализира – колку време гледаш, што ти е интересно, и потоа те бомбардира со слични понуди. Тоа е форма на психолошки маркетинг што ја замаглува границата меѓу потреба и желба“.
Но зад таа удобност се кријат и ризици што многумина ги потценуваат. Прво, безбедноста на личните податоци.
Голем дел од странските веб-страници не се под јурисдикција на европските регулативи, па во случај на измама – тешко може да се реагира.
Второ, фалсификати и неквалитетни производи.
„Имав клиенти што нарачале бренд-облека и добиле парче пластика што нема врска со сликата“, брифираат извори од Здружението за заштита на потрошувачи. „Сè повеќе луѓе се жалат дека не можат да го вратат производот или дека доставата доцни по два месеца. Тоа е реалноста кога купуваш преку евтини апликации без јасни услови“.
Иако домашните е-продавници растат, нивниот удел сè уште е мал во споредба со странските.
Многу фирми во Македонија немаат развиен систем за онлајн плаќање, а граѓаните често се воздржани да остават број на картичка на домашен сајт, иако таму ризикот е помал.
„Има недоверба, но и навика. Нашите купувачи мислат дека сè што е од Кина мора да е поевтино“, додава Кузмановски. „Тоа е мит. Понекогаш плаќаш помалку, но добиваш… ништо“.
Во суштина, онлајн купувањето не е проблем – проблем е кога станува зависност.
Пазарење за смирување на нервите, како што некои пушат или јадат чоколадо.
„Тоа е нова форма на дигитален адренали“, објаснува социологот Љубица Маџовска. „Мозокот се навикнува на мали дози на задоволство секојпат кога ќе направиш нарачка. И тоа може да прерасне во пореметување на самоконтролата“.
Од друга страна, интернетот нуди шанса и за локалните трговци, ако знаат како да ја искористат.
Домашни брендови веќе продаваат преку Инстаграм и преку Фејсбук со достава до врата, а некои успеаја да изградат цел бизнис на тоа.
Б.З.М.



