ПочетнаЕКОНОМИЈАПовеќе трошиме на изглед отколку на здравје – лицата мазни, душите празни

Повеќе трошиме на изглед отколку на здравје – лицата мазни, душите празни

Ако се направи една едноставна споредба меѓу она што го трошиме за козметика, облека, естетски зафати и она што го одвојуваме за превентивни прегледи или здравствена контрола, сликата станува прилично непријатна.

Во држава каде што луѓето знаат да дадат цела плата за нови заби со циркони или за корекција на нос, но избегнуваат да платат лабораториски тест еднаш годишно, не може да се зборува за вистински приоритети.

„Имам пациенти кои не доаѓаат со години на контрола затоа што им е ‘скапо’, а истите тие се редовни клиенти во козметички салони“, вели интернист од Скопје.

Тoj додава дека „сè додека здравјето не почне да боли, не е важно“.

Тоа, вели, е реченица што најчесто ја слуша во ординацијата – и секогаш звучи исто, со мала доза вина, ама и рамнодушност.

Сликата е речиси иста и кај младите. Момци што земаат додатоци за мускули, девојки што плаќаат по 300 евра за усни или трепки, а во исто време не можат да си дозволат приватно здравствено осигурување.

„Телото се третира како проект за на Инстаграм, не како дом во кој треба да се живее“, вели психологот Сања Љубеновиќ. „Станавме зависни од слика, од привид, од она што другите го гледаат – не од тоа како навистина се чувствуваме“.

Парадоксот е што во последните години се зголеми бројот на теретани, салони за убавина, спа-центри, но не и бројот на луѓе што редовно прават основни прегледи – крв, притисок, срце.

Министерството за здравство потврдува дека повеќе од половина од граѓаните не одат на лекар превентивно, туку само кога ќе ги натера болката.

И додека аптеки и маркетинг-агенции одлично заработуваат од прашкови, чаеви и чудотворни сирупи, реалната здравствена култура тоне во комфорната илузија дека „нешто правиме за себе“.

Парадоксално, но вистинито: повеќе сме подготвени да се корегираме отколку да се излекуваме.

На улица, во кафуле, на социјални мрежи – лицата се мазни, филтрирани, полни со самодоверба. А зад тие насмевки често стои висок притисок, стрес, несоница, страв од утрешниот ден. Здравјето, едноставно, не изгледа убаво на фотографија.

„Живееме во време кога изгледот стана валута. Луѓето мислат дека ако изгледаат добро, ќе им оди подобро – на работа, во љубовта, во друштвото. А тоа е опасна самоизмама“, додава психологот.

И можеби токму затоа, кога ќе се спомне превентивен преглед или психотерапија, многумина веднаш ја менуваат темата. Не сакаат да слушнат, ниту да се соочат.

Во суштина, не е само прашање на пари – туку на менталитет. На тоа што го вреднуваме, и што мислиме дека не можеме без него. И некако, сè додека во огледало гледаме само што се гледа, а не и што се крие – ќе продолжиме да трошиме на надворешноста, додека внатрешноста… чека кризни времиња.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП