Веќе децении Општина Битола се соочува со предизвици околу реализацијата на проектите за решавање на проблемот со отпадните води. И денес, целата канализација се излева во реката Драгор, што претставува сериозен ризик по здравјето на жителите.
Европската Унија обезбеди поддршка за изработка на проект за колекторски систем, реконструкција на мрежата и изградба на пречистителна станица, кој по долга стагнација конечно започна да се движи.
Летово беше потпишан договор со конзорциум за изградба на пречистителната станица кај Оризари, но клучниот дел – канализацијата – сè уште тапка во место.
Иако тендерот одамна е завршен, договор со изведувачот нема. Без оваа инфраструктура, останува отворено прашањето: како отпадната вода ќе стигне до станицата? И во Студијата и во тендерската документација јасно е наведено дека двата проекти мора да се реализираат истовремено.
Во спецификациите за проектот се потенцира дека целта е подобрување на собирањето и третманот на отпадните води, подобрување на хигиенските стандарди и заштита на водотеците. Главниот колектор до новата станица треба да обезбеди спроведување на целата отпадна вода од градот.
Општината неодамна информираше дека се одржал состанок на Управувачкиот комитет за проектот, но во фокусот беше изградбата на пречистителната станица, додека делот за канализацијата остана во сенка.
Иако изградбата на станицата е финансирана со средства од ИПА програмите, доколку наскоро не биде потпишан договорот за канализацијата, постои ризик парите да се вратат назад во Брисел. Тоа би значело дека и овојпат битолчани ќе останат без конечно решение за отпадните води.



