ПочетнаЕКОНОМИЈАИ покрај сушата, пчеларите тријат раце – еве колку чини тегла мед

И покрај сушата, пчеларите тријат раце – еве колку чини тегла мед

Медот годинава се продава по стара цена – 600 денари за тегла, иако за многумина би било логично да поскапи.

Пчеларите, сепак, велат дека нема потреба од поскапување – сезоната, по неколку слаби години, конечно им донела солиден принос.

Во просек, од една кошница извлекле над 10 килограми мед, што е повеќе од очекуваното.

„Не можеме да се пожалиме. Иако беше сушно, спасот го најдовме во селидбеното пчеларење. Ги носевме пчелите на повисоки места, а на некои локации им носевме вода секој втор ден. Беше мака, ама вредеше“, раскажува пчелар од Велес кој со пчеларство се занимава повеќе од 15 години.

Иако медот е меѓу ретките производи што не ја следи инфлацијата, проблемите кај пчеларите не се намалуваат.
Најголемата мака, велат тие, не е времето – туку луѓето.

„Фалсификуваниот мед ни ја уништува довербата. Луѓето мислат дека купуваат природен производ, а всушност пијат шеќерен сируп.

На пазар има тегли по 250 или 300 денари, а тоа не може да биде вистински мед ни под разно. Исто е како некој да продава вино направено со прашок и да вели дека е од Тиквеш“, објаснува друг пчелар од Берово.

Нелојалната конкуренција е хроничен проблем за домашните производители.

Министерствата и инспекциите, иако свесни, ретко реагираат – бидејќи, едноставно, нема лабораторија што може со сигурност да докаже кој мед е вистински, а кој не.

„Без соодветна анализа, се вртиме во круг. Мора да се направи пософистицирана лабораторија, каде секоја тегла ќе може да се испита по потекло. Сè друго е на добра волја“, објаснуваат од едно пчеларско здружение од Источна Македонија.

Иронијата е што, како што велат пчеларите, дури ни најразвиените држави не се поштедени од измами.

„Знаете ли дека 90 отсто од медот што се продава во Англија, Германија и Австрија е фалсификат? Значи, проблемот е глобален. А ние – мала земја со традиција во пчеларството – можеби имаме шанса да ја искористиме таа автентичност. Само треба некој да нè слушне“, велат тие.

За среќа, барем оваа година, природата им ја вратила вербата. Цветовите беа богати, а пчелите, кога имаат услови, си го прават своето.

И кога човек ќе ги гледа тие мали инсекти како се враќаат во кошницата, натоварени со полен… некако, и 600 денари не изгледаат многу.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП