ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Македонија свесно се откажува од тетовскиот грав?

Дали Македонија свесно се откажува од тетовскиот грав?

Тетовскиот грав денес се продава како деликатес. Цената му е околу 500 денари за килограм, а во некои продавници оди и до 600. Петпати е поскап од увозниот, кој на пазарите се нуди за 90 до 120 денари, во зависност од потеклото – Египет, Турција, Аргентина, Кина или Киргистан.

Иако во минатото беше симбол на квалитет и домашна традиција, денес станува сè потешко да се најде на тезгите, па дури и на тетовскиот пазар.

„Го бараат, ама кога ќе слушнат колку е килото, се откажуваат. Ако продадеме десет кила за ден, тоа е успех“, раскажува Зоран, трговец на пазарот во Тетово кој веќе дваесет години продава мешунки. „Порано луѓето купуваа по три, четири кила, сега земаат половина кило – за да имаат барем за некое гравче тавче во недела“.

Домашниот тетовски грав е познат по тенката лушпа и лесното варење, но неговата реткост и цената не се случајни.

Производството во последната деценија се намалило за над 80 проценти. Од повеќе од 1.500 хектари обработлива површина во регионот на Полог, денес едвај 100 останале под грав. Најмногу се сади во селата Брвеница, Чегране, Џепчиште и Ларце, но и таму родот последниве години е слаб.

„Нема вода, нема системи за наводнување, а и нема луѓе. Младите се иселија, старите не можат повеќе да работат. Гравот бара рачна работа, не може со трактор или машина“, вели Илија од Брвеница, земјоделец кој пред пет години сади по два хектари, а сега едвај половина. „Не е само трудот. Килограм семе чини 150 денари, плус гориво, нафта, ѓубриво, сè поскапе. А кога ќе собереш, нема каде да го продадеш за цена што ќе ти го врати вложеното“.

Податоците од Министерството за земјоделство потврдуваат дека домашното производство на грав е во континуиран пад.
Ако во 2010 година Македонија произведувала околу 3.200 тони грав, лани се произведени едвај 600.

Истовремено, увозот расте – минатата година увезени се речиси 4.500 тони, најмногу од Египет и Аргентина, по просечна цена од 1,15 евра за килограм.

Иронијата е што тетовскиот грав, кој има заштитено географско потекло уште од 2008 година, полека исчезнува од самото место од кое потекнува.

На хартија е заштитен бренд, во реалноста – загрозен вид.

„Ако вака продолжи, за неколку години ќе го гледаме само на слики или во пакувања со натпис ‘автентичен тетовски грав’, а внатре ќе има египетски“, вели еден од трговците на големо.

На пазарите низ земјава, граѓаните одамна ја направија својата сметка.

Египетскиот грав е петпати поевтин, изгледа слично, иако не мириса исто.

„Да ти кажам право, ако го правиш во тавче, ќе помине и овој“, вели жена на пазарот Буњаковец, купувајќи килограм од 100 денари. „Само дедо ми кога ќе го проба, одма вика – ова не е грав, ова е хартија“.

Земјоделците предупредуваат дека без конкретна поддршка, следната генерација можеби нема ни да знае што значи вкусот на вистински тетовски грав.

А тој вкус, велат, е нешто што не се увезува. Традиција што се вари бавно, во глинен сад, со малку масло и кромид – но со многу љубов и трпение. И токму затоа, кога некој ќе каже „ќе правиме гравче тавче со египетски“, тоа не звучи смешно, туку – тажно.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП