До 30ти септември МЕПСО, МЕМО и Електодистрибуција имаат обврска да достават барања за трошоците до Регулаторната комисија за енергетика кои се многу битни во формирањето на новата цена за граѓаните. Од Регулаторна за Денар велат дека не очекуваат драстично зголемување на цената за крајните потрошувачи.
Од Регулаторната комисија за енергетика ни соопштија дека понудите ги очекуваат да им бидат испратени точно на 30ти месецов. Откако ќе бидат доставени трошоците и барањата на компаниите МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција, регулаторот ќе започне со пресметките за новата цена која треба граѓаните да ја плаќаат за пренос и дистрибуција на струја, и таа пресметка ќе игра значајна улога во формирањето на крајната цена на електричната енергија.
„Најбитните елементи веќе ги имаме определено. Единствено зависи колку ќе биде цената за набавка на електрична енергија во преносната и дистрибутивната мрежа, но по она што го гледам по фјучерси во берзите од регионот и Европа не очекувам драматични промени, односно ќе се држиме во рамките на постоечките цени за пренос и дистрибуција”, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Во меѓувреме, Државниот завод за статистика објави дека произведената електрична енергија во јули 2025 година е поголема од потрошената, односно вкупната бруто-произведена електрична енергија изнесува 458 478 MWh, што претставува 8.8 % повеќе од бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија.
„Во јули 2025 година, вкупната потрошувачка по видови енергенти изнесува: 421 489 МWh електрична енергија, 25.599 милиони nm3 природен гас, 357 665 тони јаглен и 112 946 тони нафтени продукти.
Бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 100 % во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99.9 % од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија“, стои во извештајот на ДЗС.
На почетокот на годинава цената на електричната енергија за домаќинствата поскапе за 0,92 проценти. Во првиот блок цената беше повисока за 0,68 проценти, во вториот за 0,9, во третиот за 1,93 и во четвртиот за 2,24 проценти, a евтината тарифа пак поскапе за 0,9 проценти.
И.П



