Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2024 година. Во Извештајот се оценува дека во текот на 2024 година финансискиот систем ја одржа стабилноста, добро се справи со предизвиците и е отпорен на шокови. Сите сегменти на пазарот – од банкарскиот систем, преку приватните пензиски и инвестициски фондови, осигурителниот сектор, до помалите институции како штедилниците и друштвата за лизинг – ја задржаа својата стабилност, покажувајќи добра отпорност на шокови и способност за приспособување на промените во економското и регулаторното окружување. Финансиските институции работеа во услови на умерено забрзан економски раст и постепено намалување на инфлацијата, додека геополитичкото опкружување остана нестабилно, носејќи со себе неизвесност и зголемени ризици.
Банкарскиот систем е од клучно значење за финансиската стабилност, бидејќи тој ги опфаќа заштедите на нефинансиските сектори, но и значителен дел од средствата на дел од небанкарските финансиски институции.Во Извештајот се оценува дека банкарскиот систем ја задржа стабилноста, зголемувајќи ја адекватноста на капиталот до највисокото ниво досега, ликвидносната позиција уште повеќе се подобри, а се одржа и добриот квалитет на кредитното портфолио. Макропрудентните мерки што ги донесе Народната банка помогнаа за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.

